Владите ширум светот мора да инвестираат повеќе пари и средства за зачувување на менталната благосостојба на децата и адолесцентите, предупреди најновиот извештај на агенцијата на ОН за заштита на децата, УНИЦЕФ. Во него се предупредува на негативни последици врз менталното здравје поради пандемијата на Ковид-19.

Пандемијата ги погоди особено сиромашните и загрозени деца, се нагласува во документот.

Детскиот фонд на ОН објави дека извештајот „Состојбата на децата во светот“ е досега најсеопфатната студија на УНИЦЕФ за менталното здравје на децата и адолесцентите ширум светот.

Кризата со коронавирусот, која принуди да се затворат училиштата, што го влоши животот на децата и адолесцентите, го донесе прашањето за нивната ментална благосостојба во прв план.

Според проценките на УНИЦЕФ, ќе бидат потребни години за целосно да се измери влијанието на пандемијата врз менталното здравје на младите луѓе. Психијатрите брзо видоа знаци на вознемиреност, а децата и адолесцентите побараа помош поради самоубиствени мисли, вознемиреност, нарушувања во исхраната и други тешкотии.

– Со ограничувањата на движењето поврзани со пандемијата, децата поминаа неизбришливи години од својот живот далеку од семејството, пријателите, училниците, кои се клучни елементи на самото детство, рече извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Форе.

– Влијанието е значајно и тоа е само врвот на ледениот брег, додаде таа.

Повикувајќи се на податоци пред пандемијата за 2019 година, УНИЦЕФ проценува дека секоја година речиси 46.000 деца и адолесценти на возраст од 10 до 19 години си го одземаат својот живот.