Повеќе од пет милиони деца од Украина имаат потреба од хуманитарна помош поради војната во земјата, тврди УНИЦЕФ.
Во самата Украина, на околу три милиони деца им треба поддршка по руската инвазија. Околу 2.2 милиони малолетници, кои побегнале во други земји поради конфликтот, исто така имаат потреба од хуманитарна помош, се наведува во денешното соопштение на детскиот фонд на Обединетите Нации.
Според организацијата, најмалку 262 деца се убиени од почетокот на војната, на 24 февруари, додека стотици училишта се оштетени.
Денеска се одбележува Меѓународниот ден за заштита на децата.
– Наместо да прославуваме, ние се ближиме кон 3 јуни – стоттиот ден од војната, што уништи животи на милиони деца. Без итен прекин на огнот и договорен мир, најмладите ќе продолжат да страдаат и последиците од војната ќе влијаат врз ранливите деца низ целиот свет, нагласи директорката на УНИЦЕФ, Кетрин Расел.