Здружение за Одржлив Развој САТ – Скопје информира дека повеќе од 45 од вкупно 112 новопоставени столбови за зимска маркација на релација Попова Шапка-Титов Врв се уништени, оштетени или отстранети.

Овој вид на зимската маркација била поставувана во периодот од ноември 2025 година до крајот на јули 2026 година, со учество на повеќе од 25 локални волонтери и мали бизниси од општините Тетово и Боговиње, кои според организацијата во исклучително тешки планински услови вложиле значителен број работни часови во транспортот, подготовката и поставувањето на опремата.

Финансиската вредност на штетата се проценува на најмалку 8.000 евра (500.000 денари).

-Со големо разочарување ја информираме јавноста дека значителен дел од новопоставената опрема за зимска планинарска маркација на патеката Попова Шапка – Титов Врв, долга приближно 11 километри, е уништена, оштетена или отстранета. Зимската маркација беше дел од проектот „Славков – Маркација на планинарски патеки во С.Македонија“.  Но, ова не е само материјална штета. Зад уништената опрема стои нешто многу поважно – трудот на луѓето кои работеа за Шар Планина да биде побезбедна и подобро подготвена за планинарите и локалните заедници, се наведува во соопштението на Здружение за Одржлив Развој САТ – Скопје.

Во услови на снег, магла, силен ветер и намалена видливост, летната маркација честопати е покриена или воопшто не е видлива. Тогаш зимските столбови претставуваат клучни точки за ориентација и следење на безбедната рута. Кога маркацијата исчезнува, не исчезнува само еден столб. Исчезнува точката што може да му покаже на човекот каде да продолжи кога планината околу него повеќе не е препознатлива.

-Столбовите на зимската маркација се означени со црвена и жолта боја бидејќи овие бои обезбедуваат најсилен визуелен контраст на зимски терен – практика што се применува во многу европски планински региони и е застапена и во националните правила за планинарски патеки. Уништувањето на планинарската маркација воедно претставува уништување на туристичка инфраструктура неопходна за развојот на планинскиот и активниот туризам. Тоа директно се спротивставува на целта на Националниот парк Шар Планина и локалните општини, прекрасната Шар Планина да ја направат атрактивно, одржливо и безбедно место за посетителите, кое ќе придонесува за локалниот економски развој и ќе биде од корист за селата во околината. Уништувањето дополнително ги доведува во прашање меѓународниот ангажман и поддршка, велат од Организацијата.

Случајот е пријавен во полициската станица Попова Шапка. На 19.08.2026 година, стручен тим на полицијата, во присуство на претставници на Националниот парк Шар Планина, извршил увид на теренот и ги документирал локациите на кои било утврдено оштетување и отстранување на опремата.

-Очекуваме надлежните институции да ги утврдат сите околности и да постапат согласно со закон, со сериозни последици за оние што го сториле ова кривично дело. Ова е штета за целата планинарска заедница, за Националниот парк Шар Планина, за планинарите, туристите, водичите, спасувачите и за сите што ја користат планината. Затоа, апелираме до сите посетители да ја почитуваат и заштитуваат планинарската инфраструктура и секое оштетување или отстранување на маркацијата да го пријават кај надлежните институции- посочуваат од здружението.

Потенцираат дека планинарската маркација не е само столб или знак – во услови на снег, магла и невреме, таа може да ја направи разликата помеѓу безбедното враќање и губењето во планината, што може да заврши со сериозни и несакани последици.  (МИА)