Неовластени хакерски упади во базата на податоци на Пентагон, во периодот од октомври 2025 до јули 2026 година, доведоа до откривање на чувствителни податоци за 2,76 милиони живи и 294.000 починати лица, вклучувајќи ги и нивните матични броеви и податоци за работните места што ги извршувале, соопшти денеска официјален претставник на американското Министерство за одбрана.
Информацискиот систем на Центарот за податоци за работната сила при Министерството за одбрана (DMDC) чува податоци за активните и резервните војници, цивилните вработени, изведувачите, ветераните и членовите на воените семејства, а неговата база содржи повеќе од 60 милиони евиденции за персоналот.
Претставникот изјави дека мал број неовластени корисници пристапиле до личните податоци, а DMDC по откривањето на проблемот веднаш ја отстранил ранливоста, пренесува Еј-Би-Си.
Според наводите на официјалното лице, засега нема докази дека откриените податоци се злоупотребени. На погодените лица им се понудени заштита на идентитетот и ресурси за следење на кредитната способност.
Веста за „упадот“ во базата на Пентагон се појави откако Федералното истражно биро (ФБИ) ги извести вработените за безбедносен инцидент поврзан со порталот за вработување „FBIJobs.gov“.
Според извори на Еј-Би-Си Њуз, една хакерска група претходно најавила објавување на податоците на вработените во ФБИ, вклучувајќи имиња, адреси, приватни и службени контакти, матични броеви, датуми на раѓање и контакти за итни случаи.
Меѓутоа, хакерската група „ШајниХантерс“ (ShinyHunters) за весникот „Њујорк Тајмс“ и „404 Медиа“ изјави дека нема да ги објави податоците, наведувајќи дека инцидентот не бил уцена ниту обид за финансиска добивка, туку „маркетиншка кампања“.
ФБИ соопшти дека погодениот систем не е класифициран и почна да ги известува вработените на кои се однесува инцидентот.




