Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ на Град Скопје изразува загриженост поради урбаното дивеење и узурпирање на таканаречениот зелен кров на ГТЦ и сето тоа под одобрение на Петре Шилегов.
– Практично бетонската тврдина која никна на кровот на ГТЦ е нова бизнис зделка на власта, каде објект поголем од предвидената зелена површина треба да служи за ресторан и истиот според неформални сознанија треба да припадне на лица блиски до Шилегов и власта. Празната и популистичка флоскула на Шилегов „градиме по план“ значи крадиме по план. Бизнис моќници од угостителскиот бизнис блиски до Шилегов стојат зад бетонската градба на ГТЦ. И додека Шилегов и неговите лееја крокодилски солзи за спас на ГТЦ сега истите го сквернават за свои бизнис интереси градејќи бетонска тврдина на самиот кров. Шилегов глумеше нервозен полицаец кога граѓанин направи штета на неколку цевки на зелениот кров кој беше во градба и објавуваше видеа, а сега кога се гради бетонска тврдина среде ГТЦ се прогласува за ненадлежен, се вели во соопштението од советничката група.
Неговата купи ден помини политика, се додава натаму, излегува на површина.
– Површноста, незнаењето и арамилукот на Шилегов и дружината го загрозуваат Скопје и ГТЦ. Бараме итно обелоденување што се крие зад бетонската тврдина на ГТЦ, дали позади тоа стои бизнис интерес на познат скопски угостител близок до Шилегов и Власта и кој е процентот и провизијата за таквата зделка? Две години Крадоначалник Шилегов, две години лаги, криминал, неработа, се вели во денешната реакција од советничка група на ВМРО-ДПМНЕ на Град Скопје.
За потсетување, пред неколку години, во повеќе наврати актуелната локална и централна власт, која тогаш беше во опозиција, организираше индиректно политички перформанси – „загрижени скопјани кои ги гушкаа ГТЦ“ за да го заштитат од обнова на фасадата која сега се распаѓа.