САД очекуваат Приштина да ги исполни своите обврски во врска со косовските Срби доколку сака да го продолжи стратешкиот дијалог со Вашингтон, што беше суспендиран на неодредено време во септември 2025 година, објавува весникот „Коха Диторе“, повикувајќи се на изјава на портпарол на Амбасадата на САД во Приштина.

САД на 12 септември 2025 година објавија дека го суспендираат стратешкиот дијалог со Косово на неодредено време, а Амбасадата на САД во Приштина во тоа време изјави дека Вашингтон се одлучува за драстичниот потег „поради загриженост за постапките на властите во Приштина, кои ги зголемија тензиите и нестабилноста и ја ограничија способноста на САД продуктивно да работат со Косово по заедничките приоритети“.

Прашањето за стратешкиот дијалог беше вратено на дневен ред претходно оваа недела, кога новоизбраната претседателка на Косово, Јустина Широка-Пуља, повика на продолжување на дијалогот на средба со американските сенатори Џин Шахин и Дик Дарбин.

Во соопштението цитирано од „Коха Диторе“, Амбасадата на САД во Приштина соопшти дека САД не го промениле својот став за развојот на стратешкиот дијалог со Косово и очекуваат земјата да ги исполни своите обврски што ќе создадат соодветни услови за негово продолжување.

„Остануваме посветени на унапредување на заедничките интереси на САД и народот на Косово. Со нетрпение очекуваме развој на стратешкиот дијалог со Косово кога ќе се создадат соодветни услови, вклучително и спроведување на обврските на Косово кон косовските Срби“, се наведува во соопштението.

Фото: архива