Генералниот секретар на СДСМ и пратеник Александар Кирацовски денеска изјави дека врз основа на најавите за поднесување амандмани на уставните измени целиот процес е можно да заврши за два до два и пол месеци и оти во него треба да бидат вклучени сите пратеници.
Дека процесот ќе биде успешно завршен смета и аналитичарот Алберт Муслиу кој, пак, е уверен дека меѓу пратениците кои не гласаа за почнување на постапката за уставни промени има пратеници кои се убедени дека „во моментов нема подобар избор отколку да се гласа „за“.
– Верувам дека како што ќе тече процесот, ако дебатата е реална, ако е конструктивна, на крај бројот на пратеници кои ќе гласаат за затворање на процесот ќе биде сигурно поголем од тој го иницираше процесот на отварање на уставните измени, рече Муслиу.
Александар Кржаловски од МЦМС смета дека реално е изводливо процесот да заврши до крајот на годинава, евентуално до јануари, но оти најверојатно ќе биде доведен до крајот до февруари. Тоа, според него, ќе зависи и од тоа колку амандмани ќе бидат поднесени и како ќе се постави ВМРО-ДПМНЕ.
Смета дека е можно пратениците од оваа партија да поднесат амамндмани во насока на подобрување на уставните измени, за, како што рече, да се зајакнат односно неутрализираат некои од проблемите кои беа констатирани во договорот од Преспа.
– Се ќе зависи од тоа како ВМРО-ДПМНЕ ќе се постави и дали ќе прави напори да го одложи процесот. Јасно е дека на Владата и се брза и ќе се обидат што побрзо да ги завршат работите. Теоретски е можно, и изводливо, но за очекување е дека ќе фати најмалку јануари, а можеби и февруари, кој е краен рок за Грција за нивната страна од договорот, рече Кржаловски.
Градоначалничката на Тетово од редовите на ДУИ Теута Арифи повтори дека партијата е свесна за фактот дека целиот овој процес се отвора како резултат на договорот од Преспа и оти тој така треба и да заврши.
– Свесни сме и за тежината и сериозноста на моментот. Токму поради тоа сметаме дека процесот треба да заврши како што е предвидено во договорот од Преспа, вели Арифи.
Во врска со најавите за помирување и обединување таа потенцира дека во политиката не се непознати процесите на помирување и оти за тоа најпрво треба да има политичка волја, што, како што рече, е покажана.
– Нормално, политичката волја ќе треба да се срочи во закони кои тоа ќе го овозможат. Но, тоа што е важно е фактот дека нашата земја апсолутно влезе во тој голем неповратен пат кон НАТО и ЕУ и сметам дека со таа перспектива сите други наши процеси ќе бидат полесни, а вредностите на овие организации ќе треба да бидат тие кои ќе не влечат напред во целиот процес, рече Арифи.