Дебатата за уставни измени треба да се води во експертска работна група каде секоја политичка партија делегира свои претставници и каде врз основа на уставно право и на она што е пропишано со закон се дефинираат амандмани кои потоа се ставаат на јавна расправа.
Лидерска средба не е институционален формат за носење конкретни решенија, сметаат од власта. Од опозиската ВМРО-ДПМНЕ, пак нудат „консензус околу хрватскиот модел“, а подготвени се и за лидерска средба.
Софија, пак, како што кажа бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков, би сакала да биде вклучена и консултирана во процесот за впишување на Бугарите во Уставот на Македонија. Министерството за надворешни работи, пак, вели дека процесот на уставни измени претставува внатрешно прашање на Македонија, која како обврска е поврзана со пристапните преговори за членство во Европската унија.
Премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање за хрватскиот модел за уставни измени, вчера изјави дека процесот на уставни измени е структуриран процес согласно закон и Устав, а предлогот треба да го изработи работната група во Министерството за правда што ќе одговара на нашето општество, на нашите закони и на очекувањата за нашата иднина како идна земја – членка на ЕУ.
-Јас не кажав што е прифатливо, што не е прифатливо, кажав дека прво работи работна група во рамки на Министерството за правда во којашто членуваат експерти и во која веќе се поканети претставници на политичките партии застапени во Парламентот и којашто ќе треба врз основа на најдобрите искуства да изработат предлог што треба да биде ставен на расправа. И кажав дека има политички партии кои што зборуваат за еден модел, па има политички партии кои зборуваат за друг модел на амандмани, трети зборуваат за трети. Вие кажавте за хрватски, излезе друга политичка партија кажа за швајцарски модел, трета излезе за белгиски модел да зборува и затоа треба да се седне на експертско ниво и да се изработи предлог што одговара на македонското општество и што одговара на нашите закони и на она што ние го очекуваме од нашата иднина како идна земја членка на ЕУ. Не кажав ниту дека сум за нешто за, ниту дали сум за нешто против, рече Ковачевски на заедничката прес-конференција со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
Тој го отфрли предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за лидерска средба, бидејќи ставовите на политичките партии се веќе познати. Воедно, потсети дека ваква средба имаше во декември, лани, кога се разговарало и за усогласувањето во однос на потребата за уставни измени со цел продолжување на евроинтеграциите согласно со усвоената преговарачка рамка од страна на Собранието со мнозинство гласови. На таа лидерска средба, кажа тој, „сите лидери на партии се сложија за потребата од носење уставните измени, освен еден којшто ќутеше и двајца којшто не дојдоа“.
Осврнувајќи се на т.н. хрватски модел за измена на Уставот, Ковачевски посочи дека има македонски модел што ќе ја обезбеди европската иднина на државата.
-Сметам дека ние имаме и македонски модел бидејќи ние секогаш сме се бореле за македонска држава, за македонски јазик за кој се изборивме во преговарачката рамка и договорот ФРОНТЕКС, за македонски идентитет во кој се изборивме во преговарачката рамка. Сметам дека треба да продолжиме со македонски консензус, со македонска политичка волја и со македонска визија за европска Македонија, изјави Ковачевски и повика темата за уставни измени да не биде користена за дневна политика.
Хрватскиот премиер Пленковиќ на прес-конференцијата истакна дека кога Хрватска претседаваше со ЕУ, беше донесена новата методологија за преговори и беше донесена одлуката да се отпочнат преговорите со Северна Македонија и Албанија.
-Сега сме во фаза тие финални процеси да ги забрзаме, тој пат да добие своја динамика и во контекст на давање на статусот кандидат на Украина и на Молдавија и условниот на Грузија, и кандидатскиот статус на БиХ, сега Северна Македонија може да го забрза тој процес. Хрватска во тој процес ќе и помогне. Еден од начините е и делегирањето на Владимир Дробњак кој беше главниот преговарач за Хрватска да му помогне и на министерот и на целата ваша Влада и тоа е најдобра манифестација на соработка и на прави потези во вистинско време. И затоа сега е тоа време да се потегнат вистинските потези, да се направат старешки одлуки кои што ќе водат до стратегиски исчекори по бројните потези кои што веќе се зад вас, порача Пленковиќ.
Тој се обрати и во Собранието и при тоа потенцира дека во Хрватска процесот на пристапување кон ЕУ беше прифатен од сите делови од хрватското општество и целокупната јавност како заеднички потфат и токму затоа неговата клучна порака беше упатена кон пратениците и сите граѓани на земјава.
-Свесен сум и во целост разбирам одредени фрустрации и незадоволство, имајќи ги предвид годините на чекање пред вратата на ЕУ, но овој пат сакам да ве охрабрам да не губите верба и надеж, туку напротив да вложите дополнителни напори во спроведување на реформите и условите како подготовка за идно членство во Унијата. Колку и тоа сега да ви се чини тешко и неизвесно, политичките прилики и вашето јасно определување за членство во ЕУ, бара да направите исклучително важен чекор за вашата земја, за граѓаните и идните генерации, рече хрватскиот премиер повторувајќи ја цврстата поддршка што Хрватска и ја дава на Северна Македонија на европскиот пат.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи изјави дека уставните измени се обврска што 27 земји-членки на ЕУ ја бараат од Северна Македонија и доколку тие не се случат, земјата ќе ја изгуби шансата да се приклучи на брзата патека кон ЕУ.
-Уставните измени се обврска што ја бараат 27 земји-членки на ЕУ. Мислам дека ова е најдобриот начин да се обезбеди сигурна и европска иднина за луѓето. Секое блокирање на овој процес ќе значи дека ќе бидеме во период на изолација, можеби и една деценија на изолација, можеби после 10 години, како што се случи со името. Откако луѓето избегаа од Северна Македонија, откако ќе се изгуби надежта, ќе направиме некој компромис што ќе биде уште потежок од овој сега, но возот за ЕУ веќе ќе замине, рече меѓу другото министерот Османи во интервју за ТВ21 во Брисел.
Министерството за надворешни работи информира дека процесот на уставни измени претставува внатрешно прашање на Република Северна Македонија, која како обврска е поврзана со пристапните преговори за членство во Европската унија.
-Се очекува Собранието да ја донесе таквата одлука, суверено и согласно долгорочните интереси на граѓаните на Северна Македонија, претставени во парламентот и во тој контекст, не постои можност ниту политичка волја за вклучување на граѓани и институции од странство, вклучително од Република Бугарија. Такво барање ниту е пристигнато, ниту е разговарано меѓу министрите Османи и Милков, стои во соопштението на МНР.
Северна Македонија останува посветена на продолжување на политичкиот дијалог со Бугарија, во духот на добрососедството и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, за што се надева на што поскоро формирање на новата бугарска Влада, додаваат оттаму.
Соопштението на МНР доаѓа откако претходно шефот на бугарската дипломатија Николај Милков на брифинг со новинарите кажал дека Бугарија би сакала да биде вклучена и консултирана во процесот за впишување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија.
-Сега, колку што нам ни е познато, таму веќе се дискутираат некакви варијанти на идните текстови, кои би биле промена во Уставот. Ние би сакале да бидеме дел од тој процес, со цел тоа да се одвива без проблеми. Би сакале да се консултираме по тие прашања, рекол Милков, пренесува БНР.
Тој очекува одговор од Скопје и продолжување на разговорите за намалување на тензиите.
– Во оваа смисла вчера малку разговарав со министерот Османи. Се надевам дека ќе одговорат. Ни претстојат контакти, во напорите да ја намалиме напнатоста, без да им наштетиме на правата на Бугарите во Северна Македонија. Овој дијалог треба да продолжи се додека има волја од нивна страна. Во таа смисла, повторно подаваме рака. Подготвени сме да разговараме
Подготвени сме да разговараме и да ги разгледаме промените, што тие ги прават, кажал Милков.
Министерството за правда завчера испрати дописи со барање за номинација на претставници во работната група за измени на Уставот до Кабинетот на Претседателот на државата, МНР, СЕП и парламентарните политички партии кои најдоцна до 10 април. Во групата се повикани да учествуваат и експерти од областа на уставно право.
-Во интерес на исполнување на нашата обврска која произлегува од Преговарачката рамка што ја усвоија 27-те земји членки на ЕУ, потребно е политичко обединување со цел да се загарантира европската перспектива на нашата држава. За таа цел потребно е да се определи претставник кој има познавање од областа на Уставното право, кој активно ќе учествува во работната група при изготвувањето на уставните измени, се наведува во соопштението од Министерството за правда по повод барањето за номинација.
Деновиве со малку поразличен став се произнесе и опозициската ВМРО-ДПМНЕ која досега тврдеше дека е против уставни измени во вакви услови. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски завчера повторно понуди „консензус околу хрватскиот модел“, а исто така рече дека се подготвени и за лидерска средба.
-Ние конечно нудиме консензус околу хрватскиот модел јавно, без да се затвораме и без нешто да криеме од јавноста. Каква е Преамбулата во хрватскиот Устав, така да ја направиме Преамбулата и во нашиот Устав. Ние стоиме на располагање, ако сакаат, за ова можеме да зборуваме и на лидерска средба, рече завчера Мицкоски.
Според него, евентуалната интервенција во Уставот се случува во три чекори, а ние се наоѓаме пред почетокот и сега уставни комисии не се формираат, туку пред пратениците се доставува иницијатива за утврдување на потребата за отворање на Уставот.
– Ако ме прашате како човек, „преку глава“ ми е од работни групи каде што неколкумина политичари седат во затворена просторија и одлучуваат за иднината на народот, а народот е против тоа. Затоа, одлучивме како ВМРО-ДПМНЕ јавно да го дадеме нашиот предлог, да не се затвораме во темни простории и да ја мистифицираме целата наша работа. Ние треба да работиме во интерес на народот и затоа ние како ВМРО-ДПМНЕ го прифаќаме предлогот што го посочија за хрватскиот модел. Треба да излезат и да кажат дали прифаќаат или не, рече Мицкоски.