Одлуката за прогласување на амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија е објавена во саботата во шестиот број на Службен весник на Република Македонија.
Одлуката ја потпишал собранискиот спикер Талат Џафери.
Македонското Собрание на 11 јануари ги усвои уставните измени, кои произлегуваат од Договорот со Грција за решавање на спорот за името, со што македонската страна ја исполни својата обврска од договореното, а сега на потег е грчкиот Парламент да го ратификува Договорот, со што ќе се отвори патот за интегрирање на земјава во ЕУ и НАТО.
Пратениците со двотретинско мнозинство од 81 пратеник во рамки на 75. седница ги донесоа амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија, а потоа и ги прогласија. Усвоен и прогласен е и Уставниот закон за спроведување на амандманите.