Во пресрет на последното гласање за уставните измени во македонското Собрание и приближувањето на моментот кога топката ќе се префрли на грчки терен, се вжештува политичкиот термометар во Грција.

Атина ќе треба да го ратификува и Договорот од Преспа и протоколот за наша интеграција во НАТО, процеси кои не е исклучено да предизвикаат политички разврски во Грција, а според некои сценарија, да донесат дури и предвремени парламентарни избори.

Веројатно е дека сѐ ќе зависи од ставот на Панос Каменос. Претседателот на Независни Грци, министер за одбрана на Грција и коалициониот партнер во Владата, за утре закажа состаноци на парламентарната група и на извршниот комитет на партијата, нешто што според многумина во Грција, може да биде чекор кон напуштање на Владата. И сето ова на ден пред посетата на Ангела Меркел на Атина.

Според грчките медиуми, не е исклучена можноста двајцата коалициски партнери Алексис Ципрас и Панос Каменос да одржат средба.

Ќе го поддржат ли Каменос сите пратеници од Независни Грци? Или ќе има „партиска непослушност“? Ќе ги повлече сите негови министри од владата, но ќе продолжи да ја поддржува? Ова се дел од прашањата што се поставуваа во изминатиот период, а не е исклучено одговорот да се знае уште утре. Од следните чекори на Каменос, ќе зависи и иднината на Владата, но и следниот потег на Ципрас.

Во Грција во изминатиот период присутни се повеќе различни сценарија: избори веднаш по ратификацијата на договорот, избори во мај заедно со локалните и евроизборите или избори во регуларно предвидениот рок на есен.

Сепак, официјална Атина, во изминатиот период отфрлаше секаква можност за предвремени избори и вели дека актуелната Влада ќе го заврши четиригодишниот мандат, бидејќи ја има потребната доверба од Парламентот (минимум 151 пратеник) и за ратификација на Договорот од Преспа и за доверба на Владата.

Ова било потврдено и на вчерашниот состанок на политичкиот секретаријат на владејачката СИРИЗА, според грчката новинска агенција АНА-МПА.

-За изгласување на историскиот Договор од Преспа постои одговорност кај сите политички сили и кај пратениците за да се реши едно прашање што ја измачува земјата со децении, било истакнато на состанокот со кој претседавал Алексис Ципрас, наведува АНА-МПА.

Парламентарна математика

На еден од редовните брифинзи со портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос, минатата година, дописничката на МИА од Атина, побара одговор дали владата има пресметано колку пратеници би гласале „за“ Договорот од Преспа, на што тој одговори дека нема да води „парламентарна математика“. Наместо него, тоа го прават новинарите во Грција. Доста често, пребројуваат пратеници и дали нивниот број достигнува до минимум 151 колку што е потребно за да биде ратификуван Договорот од Преспа.

МИА го анализира распоредот на силите во грчкиот Парламент и ставот на партиите во однос на Договорот од Преспа.

Владејачката СИРИЗА има 145 пратеници, а повеќе од веројатно е дека сите ќе бидат „за“. На оваа бројка би можел да се додаде еден глас плус од независната пратеничка Катерина Папакоста, која не е член на партијата, но како алтернативна министерка за цивилна заштита е дел од Владата.

Коалицискиот партнер во владата, Независни Грци, има седум пратеници, но не се сите на иста линија со лидерот на партијата Панос Каменос и постои поделеност поради Договорот од Преспа. Пратеникот Танасис Папахристопулос, јавно неколку пати изјави дека ќе гласа за договорот, ќе го отстапи неговото пратеничко место и во никој случај нема да биде причина за да падне Владата. Министерката за туризам Елена Кундура, засега нема излезено со конкретен став, но медиумите во Грција коментираат дека можеби таа сепак не е на иста линија со Каменос. Под знак прашалник е и позицијата на пратеникот Костас Зурарис. Заменичката министерка за внатрешни работи на Грција, Марина Хрисовелони, која не е пратеничка, за грчкото радио „Реал фм“ рече дека ако договорот е во интерес на земјата тогаш не постои причина да си замине од нејзината позиција и да создаде проблеми во Владата.

Во партијата Река, постои поделеност на позициите. Лидерот Ставрос Теодоракис континуирано го поддржува ставот дека е потребно затворање на долгогодишниот спор, а Грција, дипломатскиот капитал да го насочи кон проблемот со Турција. Неговата партија има шест пратеници од кои можеби четворица би гласале позитивно за Договорот од Преспа.

Нова демократија, Движење на промена и Комунистичката партија на Грција иако во минатото јавно ја поддржувале грчката црвена линија за сложено име со географска одредница, ерга омнес, сега се против Договорот од Преспа. Единствено лидерот на Демократска левица, коалициската партија во Движење на промена, Танасис Теохаропулос, не е исклучено да отстапи од ставот на коалицијата и да гласа „за“.

Сојузот на централисти и Златна зора, заедно со коалицискиот партнер во Владата Панос Каменос, се со радикален став и не прифаќаат име во кое би бил вклучен терминот Македонија, па со тоа се и против Договорот од Преспа.

Доколку ратификацијата помине без проблеми, веднаш потоа, согласно Договорот од Преспа, ќе следи и вториот процес, односно ратификација на протоколот за членство на Македонија во НАТО.

Проценките во Грција се дека тоа би можело да се случи најдоцна до мај, но во никој случај тоа не би останало да го стори следната грчка влада. Со ова се демантираат и шпекулациите и сценаријата во Грција, дека можеби актуелната Влада нема да го ратификува протоколот за членство на Македонија во НАТО.

Договорот од Преспа, не е исклучено, во Грција да донесе и гласање доверба или недоверба на владата.

Сценарија за иднината на грчката влада

Едно од сценаријата во Грција е по повлекувањето на Каменос, тој и неговите пратеници да продолжат да ја поддржуваат Владата, иако нема да бидат дел од неа, а земјата да ја води малцинска влада, но со доверба од Парламентот.

Од опозициската Нова демократија, велат дека во период кога земјата е соочена со критични национални и економски прашања „Ципрас и Каменос ја втурнуваат во опасна нестабилност“.

-Господинот Ципрас има две опции: или да побара гласање доверба во Парламентот, или да ја одведе земјата на избори. Малцинска влада никогаш не постоела по падот на хунтата, и не е може да постои сега, велат од Нова демократија.

Од кабинетот на грчкиот премиер, во одговорот на соопштението од опозициската партија, велат дека Нова демократија и Мицотакис кои веќе три години, секој втор ден бараат избори, „сега наводно се загрижени за политичка нестабилност“.

-Хипокризијата во најдобро светло. Но, ако имаат искрени дилеми за поддршката на Владата од Парламентот, не им останува ништо друго освен да пробаат, доставувајќи предлог за недоверба, коментираат од кабинетот на Ципрас.

МИА