Два дена откако Уставниот суд одлучи од Венецијанската комисија да побара мислење околу тоа дали треба да се повторат локалните избори од 2019 година, претседателот Илир Мета претстави 10 аргументи кои според него докажуваат дека на Албанците им било ускратено правото на глас.

Шефот на државата, преку видеозапис, наведува дека со изборите одржани на 30 јуни 2019 година „насилно се прекршени демократијата, Уставот и основниот принцип на постоење на Обединета Европа, чиј дел сакаме да бидеме“, порачувајќи при тоа дека никогаш повеќе нема да има монистички избори во Албанија.

-Во 35 општини или 57,3 проценти од земјата гласаа само за еден кандидат. Во 57,3 проценти од земјата немаше изборни алтернативи. Во 35 општини немаше избори туку гласање, наведува Мета.

Понатаму во анализата тој ги претстави обврските од Европските конвенции, но, исто така, и обврските на Меѓународниот суд за човекови права.

-Европската конвенција за човекови права, Протокол 1, член 3, налагаат владата да организира демократски избори. Правото на избор на алтернативи ја прави демократијата ефективна, правото на глас не е само постапка. Гласачот треба да има можност да влијае на изборите. Гласањето со еден кандидат го негира суштинското право на избор, оценува шефот на албанската држава.

Повикувајќи се на ставови на експерти од таа област, тој, наведува дека Албанија би можела да биде казнета доколку имало поплака до Меѓународниот суд за човекови права.

Локалните избори, прво претседателот Мета ги закажа за 30 јуни, но, како што образложи поради можност од ескалација на состојбата, бидејќи здружената опозиција одржуваше масовни протести, тој ги одложи за октомври.

Уредбата на Мета,од 4 јуни не ја признаа владеачките социјалисти, зашто според нив истата била неуставна, донесена во веќе почната изборна кампања, и изборите се одржаа. Истите ги бојкотираше опозицијата, па од 61општини социјалистите освија 60 градоначалнички места, а само во општина Финиќ, градоначалник е од партијата на Грците МЕГА.

Опозицијата ги оспори изборите до Устаниот суд, но тој не функционираше околу три години, се до пред неколку месеци.