Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент денеска со 40 гласови „за“, 19 „против“ и 10 „воздржани“ го усвои Предлог-извештајот за земјава подготвен од австрискиот европратеник Томас Вајц.
По гласањето бугарски европратеник најави дека како додаток на Извештајот ќе предложат дополнение со „мислење на малцинството“.
Пратеничката група на Европската народна партија претходно поднесе амандман по скратена постапка за вметнување на зборот „современ“ пред македонски јазик и идентитет во Извештајот, но согласно Деловникот за работа, тој не беше ставен на гласање затоа што против таквиот предлог се изјаснија најмалку шест пратеници членови на АФЕТ. Деловникот предвидува дека предложен амандман нема да биде ставен на гласање, доколку против предлогот се изјаснат најмалку петмина европратеници.
Пред гласањето за усвојување на Извештајот, членовите на АФЕТ одбија неколку амандмани на текстот на документот предложени од бугарски европратеници.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, по усвојувањето на документот, Вајц кој воедно е и известувач на ЕП за земјава, порача дека е горд на целата напорна работа што беше вложена во изнаоѓањето компромиси со цел „овој добро избалансиран извештај“ да може да биде донесен со широко политичко мнозинство.
– ЕУ мора да остане обединета со своите соседи во предизвикувачкиот геополитички пејзаж со кој се соочуваме. Северна Македонија припаѓа во ЕУ. По 20 години преговори, мора да го одржиме моменталниот добар моментум за понатамошно унапредување на процесот на проширување, додаде Вајц во писмената изјава по гласањето.
На почетокот на седницата, претседателот на АФЕТ, Дејвид Мекалистер ги осуди обвинувањата упатени изминативе недели на сметка на Вајц околу начинот на подготовката на Извештајот, посочувајќи дека практика е известувачот да биде во контакт со претставници на земјата за која се однесува документот што го подготвува.
Бугарскиот европратеник Станислав Стојанов од националистичката партија Преродба на почетокот на месецов го обвини Вајц дека имал „ненајавени средби“ со македонските власти во текот на подготовката на Извештајот и дека ги нарушил правилата за транспарентност на Европскиот парламент, со што, според него, предложениот документ е компромитиран и необјективен.
Во Извештајот, АФЕТ ја поздравува посветеноста на земјата на европската интеграција, охрабрувајќи ја да продолжи со реформските напори и покрај политичките предизвици и фрустрацијата на јавноста и ги повикува македонските властите да ги спроведат уставните измени, да го зајакнат владеењето на правото и да ја засилат борбата против корупцијата.
Извештајот нагласува дека пристапувањето во ЕУ во крајна линија е прашање на политичка волја, како во однос на спроведувањето на реформите, така и во однос на усвојувањето на уставните амандмани.
Европратениците ги повикуваат сите политички партии во земјава да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус, што би го зајакнало мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзало напредокот во ЕУ.
Во документот европратениците го поздравуваат новиот Инструмент на ЕУ за реформи и раст, од кои 750 милиони евра се предвидени за земјава, при тоа изразувајќи пофалби ја амбициозната македонска Реформска агенда. Тие повикуваат и на силен фокус во спроведувањето на реформите, особено во јавната администрација, владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Забележувајќи ги „влошувачките трендови во корупцијата на високо ниво и ниската доверба на јавноста во судството“, европратениците повикуваат на поголема независност и одговорност на судскиот систем и соодветни ресурси за надзорните тела.
Европратениците предупредуваат дека политичката поларизација останува клучна пречка за реформите и повикуваат на меѓупартиска соработка и инклузивна измена на Изборниот законик, врз основа на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија.
Во документот, исто така, се нагласува важноста на заштитата на изборниот процес од штетно странско влијание и дезинформации. Пратениците изразуваат загриженост во врска со странското мешање, особено од Русија и Кина, и предупредуваат на растечките ризици поврзани со нетранспарентни финансиски текови и инвестиции.
Извештајот повикува и на континуирани реформи за да се обезбеди независен и отпорен медиумски пејзаж, усогласен со Европскиот закон за слобода на медиумите, и на деполитизација на јавна администрација.
Сега по усвојувањето од страна на АФЕТ, останува Извештајот да биде одобрен на пленарно заседание на Европскиот парламент. Следното пленарно заседание на ЕП е закажано за од 7 до 10 јули во Стразбур.
Фото: МИА Архива