Деведесет отсто од граѓаните во ЕУ дишат загаден воздух, изјави денеска заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули.
Тој оваа „утеха“ за граѓаните на Скопје и на Македонија ја кажа на денешната дебата „Овој дом верува дека државата (не) презема соодветни мерки за справување со загадувањето“, што се одржа во Кино Фросина.
Макрадули рече дека Владата направила повеќе конкретни проекти за намалување на загадувањето, но тоа рече не е проблем само кај нас, туку во цела ЕУ.
-И 90 отсто од граѓаните на земјите членки на ЕУ дишат загаден воздух. Во скопскиот регион, битолскиот и Тетовско, најголем загадувач е домашното затоплување. Не постои механизам да го земете воздухот и да го однесете некаде, рече Макрадули.
Но, додае тој, денес го нема Казандол и Еуромакс.
– Ако затоплувањето е најголем проблем, можете да имате затоплување што не загадува, или од струја, или од гас, или да се приклучите на парно. Сите директиви на ЕУ, посебен план за приклучување на парно, стимулирање субвенции за инвертори, одат во тој правец. Не постои механизам да го земете воздухот и да го однесете некаде и затоа овој план аргументирам е добар, зошто тоа е единствената мерка да се справите со изворите на загадување, рече Макрадули.
Невена Георгиевска од О2 Иницијатива изјави дека не верува во мерките што ги презема власта.
– Некој вид изговор е тоа што и во 20 други земји во ЕУ веќе имаат проблем со аерозагадување. Кај нив проблемот во аерозагадување е надминување над граничните вредности неколку дена во годината. Кај нас имаме надминување не само во препорачаните 35 дена, туку имаме надминување фактички во 300 дена во годината. Значи ние сме на некој начин професионалци во однос на загадување и кога се споредуваме со овие европски земји. Затоа во светски рамки нашите градови се на прво место, некаде до трето стигнуваме, меѓутоа европски градови не гледаме во тие светски топ листи, рече Георгиевска.