Денеска е 11 јуни (по стар стил) и се слават Светиот апостол Вартоломеј – Натанаил и Светиот апостол Варнава. Се верува дека тоа е тежок празник кога не се работи. Во народното верување е посебно важен, денот кога Сонцето се врти кон зима.

Св. апостол Вартоломеј – Натанаил е еден од дванаесетте големи апостоли. Вартоломеј и Натанаил, по сè изгледа, се две имиња за едно лице; името му е Натанаил, а Вартоломеј е според татковото име, односно значи „Син на Толомеј“.

Заедно со светиот апостол Филип и сестрата на Филип, девицата Маријам – а некое време и со свети Јован Богослов – го проповедаше Евангелието најпрво во Азија, потоа во Индија и најпосле во Ерменија, каде што и заврши маченички. Овие Свети апостоли ја умртвија големата змија којашто незнабошците ја чуваа во храм во Јерапол и ја почитуваа како божество. Во истиот град му подарија вид на Стахиј, кој беше слеп полни четириесет години.

Таму против нив се крена толпа народ и ги распнаа на крст и Филип и Вартоломеј, а Вартоломеј го распнаа со главата надолу. Тогаш затресе земјотрес во којшто загинаа злите судии и многумина од народот. Гледајќи во тоа казна Божја, мнозина притрчаа да ги симнат апостолите од крстовите, но Филип веќе беше издивнал, додека Вартоломеј сè уште беше жив. Потоа отиде во Индија, каде што го проповедаше и на индиски јазик го преведе Евангелието на Матеј. По ова прејде во Ерменија, каде што ја исцели од лудило царската ќерка. Но, братот на царот Астијаг завидливо го фати и го распна Божјиот апостол на крст. Потоа му ја одра кожата и најпосле му ја отсече главата, во градот Албанопол Ерменски. Неговото тело христијаните го погребаа чесно во оловен ковчег.

Бидејќи на неговите мошти се случуваа многу чуда, незнабошците го зедоа ковчегот и го фрлија в море. А водата го донесе ковчегот до островот Липари, каде што епископот Агатон, по откровение во сон, го дочека и го погреба во храмот. Свети Вартоломеј му се јави, облечен во бели ризи, на свети Јован Химнограф в црква и го благослови со Евангелието за да пее духовни песни: „Нека потечат од твојот јазик водите на небесната мудрост!“ Му се јави уште и на царот Анастасиј (491 г. – 518 г.) и му рече дека ќе му го чува новосоѕиданиот град Дура.

Подоцна, по нападот на арапите на островот Липари, моштите на овој голем апостол беа пренесени во Беневент, па во Рим. Над нив се случуваа големи и страшни чуда.

Денеска се слави и Светиот апостол Варнава

Еден од седумдесетте апостоли. Роден на Кипар, од богати родители од племето Левиево, и заедно со Савле се учеше кај Гамалиил. Името му беше Јосиф, но апостолите го завикаа Варнава, што значи „Син на Утехата“, зашто вонредно умееше да ги утешува човечките души. Кога Савле се обрати, тој прв го внесе меѓу апостолите.

Потоа со Павле и со Марко го проповедаше Евангелието во Антиохија и по други места. По сè изгледа, тој прв проповедаше и во Рим и во Милано. Пострада на островот Кипар, од Евреите, и Марко го погреба на западните порти од градот Саламина, со Евангелието на евангелистот Матеј на градите, коешто самиот рачно го препиша.

Неговиот гроб остана непознат неколку векови, но со оглед дека многумина добиваа исцеленија на тоа место, се нарече „место на здравјето“. Во времето на царот Зинон, кога беше Халкидонскиот Собор, апостолот му се јави на Кипарскиот архиепископ Антим, и тоа трипати во три ноќи, и му го објави својот гроб.

Ова стана токму во времето кога властољубивиот патријарх Антиохиски Петар бараше Кипарската Црква да биде под власта на Антиохиската столица. Но, по јавувањето и откривањето на чудесните мошти на светиот апостол Варнава беше востановено Кипарската Црква, како апостолска, да биде самостојна за навек. Така настана автокефалијата на Кипарската Црква.