Во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје денеска со пригодна свеченост ќе биде прославен патрониот и државен празник Свети Климент Охридски и ќе се одбележи 50-годишнината од пуштањето во употреба на објектот на библиотеката, проектантско дело на еминентниот македонски архитект Петар Муличкоски.

– Прославата ќе започне со изведба на државната химна од страна на хор при Музичкиот факултет во Скопје, а потоа поздравен говор до присутните ќе има директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“ Рахметула Куќи, кој ќе им додели благодарници за особен придонес и поддршка на институцијата на министерката за култура, амбасадите на Народна Република Кина и на Кралството Шпанија, како и на донаторите „НЛБ Банка“, „Кроација осигурување“, „КС сервис“, Меѓународни училишта „Нова“ и на „Светот на Биби“, соопшти НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.

Во вториот дел од свеченоста, проф. д-р Митко Панов ќе има беседа за Св. Климент Охридски, потоа проф. д-р Минас Бакалчев ќе има реч за објектот на НУБ „Св. Климент Охридски“, а Бојана Муличкоска од име на семејството ќе зборува за проф. Петар Муличкоски.

Свеченоста ќе продолжи со доделување на наградите „Библиотека на годината“ за 2022 година и на „Климентова повелба за животно дело“ од страна на Библиотекарското здружение на Македонија, како и на традиционалните награди на вработените кои одбележуваат јубилејни годишнини во НУБ „Св. Климент Охридски“ и на вработените кои се пензионирале во текот на 2022 година.

На крајот на прославата ќе биде отворена изложба посветена на 50-годишнината од пуштањето во употреба на специјалниот наменски објект на НУБ „Св. Климент Охридски“, дело на архитектот Петар Муличковски и на изложба на дела од еминентни ликовни уметници на кои е претставен Св. Климент Охридски од колекцијата на Климе Коробар.

Во рамки на свеченоста, настап со изведба на повеќе музички композиции ќе имаат и неколку инструменталисти од Факултетот за музичка уметност во Скопје.