Заради верата бил распнат со главата надолу, но тогаш се случил земјотрес во кој настрадале егзекуторите и многу народ.
Именден празнуваат: Филип…
Светиот апостол Филип еден од дванаесетте славни Христови апостоли е роден во Витсаида. Еднаш го видел Исус и го повикал, а Филип веднаш тргнал со него поведувајќи го и својот другар Натанаил подоцна наречен Вартоломеј, исто така еден од 12-те апостоли.
По воскреснувањето на Исус, Филип го проповедал Христовото учење во Азија, Грција, Етиопија, Арабија и на други места. Во фригискиот град Ерополе со светиот апостол Вартоломеј многу пагани придобиле за христовата вера. Затоа паганските жреци почнале да ги прогонуваат Тие се пожалиле кај градоначалникот на Ерополе кој наредил да бидат распнати. Свети Филип бил распнат со главата надолу, но тогаш се случил голем земјотрес од кој загинале егзекуторите и многу друг народ. Кога помислиле дека земјотресот е поради распнувањето на апостолот и кога дошле да го симнат од крстот виделе дека тој веќе е мртов. Тоа се случило во 86 година.
Православната црква празнува уште еден празник поврзан со споменот на свети Филип. Но тој не е овој Филип од 12-те Христови апостоли туку е еден од 7-те ѓакони. Неговиот празник се празнува на 24/11 октомври. Во првите години по основањето на Светата црква се јавила потреба некој да се грижи за немоќните, болните, сиромасите итн. Поради тоа апостолите одбрале седуммина ѓакони кои тоа го правеле. Меѓу нив бил и свети Филип. Откако извесно време бил ѓакон заминал за Самарија каде што го проповедал христијанството.
Mартинци – Mартинија: Празник за заштита на стоката од дивите ѕверови
Со овој празник најчесто се поврзани повеќе обичаи со кои му се врзува устата на волкот да не ја јади стоката, поради што и се наречува Волчји празник, иако на волкот за да не прави штета му се држат и други денови во годината.
Празникот Мартинци што како и некои други празници во народот се среќава со разни имиња (Мартинија, Волчји празник и сл.) се врзува со различни датуми. Трае различно: еден или три денови, но најчесто е поврзан со 14 ноември, според стариот календар.
Димитар Матов забележал обичаи во Велес според кои на денот Свети Филип (14. XI с.с.) се врзува устата на волкот. Тоа се правело со гребните кои се затворале и така останувале цела недела, за да му е затворена и устата на волкот. Д. Матов сведочи дека на овој ден се правеле и магии со кои од туѓите овци се земало млекото преку летото. Во Гевгелиско, како што забележал Стефан Тановиќ, празникот Мартинци (10, 11 и 12 ноември) уште се вика и Вʼлков празник, се паѓа три дена по Свети Аранѓел и се празнува, исто така, три дена. Тогаш не требало да се фаќа оружје зашто самите Мартинци биле наоружани со мартинки. Во овој крај според истото сведоштво секоја куќа спроти празникот колела кокошка и со крвта од главата на вратата правеле крст. Домаќинката во волнена кецелја ставала просо, не гледајќи колку ќе земе, а потоа го растурала околу куќата и фрлала преку куќа зборувајќи: „Кога душманите воја просо ду зрно ки гу суберат, тоги и нашут касмет да гу преземат“. И во други записи од Гевгелиско направени од Рачев овие празници што се празнуваат на 11,12 и 13. ноември се викаат Минуве, Мʼртенци или Вʼлчи празници. Тогаш не се ора, не се сее, не се сече, особено со ножици, за да не страда добитокот од волци, а преѓата и облеката од глувци.
Во Петричко, овие Волчји празници биле од 11 до 18 ноември, ги празнувале во чест на волците за да ги придобијат да не го напаѓаат добитокот. Во едно предание од овој крај се раскажува дека „Еден селанин отишол по работа од с. Г. Рибница за село Добрил…. Било зимно време. На патот сретнал едно стадо од околу 10-12 волци. Единствено средство за спасување му било искачувањето на дрвото. Волците биле веќе околу дрвото, а на селанецот од страв му паднала шапката. Волците која ја виделе си помислиле дека е големо чудо се нафрлиле на неа и ја искинале на ситни парчиња. Долго време се вртеле околу дрвото и страшно виеле, а нашиот несреќник умирал каде од страв, каде од студ. Многу време мислел како да се спаси и најпосле измислил. Имено, се досетил зашто волците така разјарено се нафрлиле врз неговата капа ‒ таа била шиена во Волчјите празници. И шалварите му биле шиени во истите празници и требало да се прости и од нив, да ги соблече и исфрли и дури тогаш волците ќе му простат. Намислено и сторено ‒ ги соблекол шалварите и ги фрлил во блискиот трап, а волците јурнале по нив и веќе не се виделе“. Запишувачот забележал дека ако човекот имал уште некоја облека шиена во тие празници волците ќе го изеделе.
Во Радовиш, според еден запис од поново време, трите дена по Свети Арангел се викале Мартинци и за празник ги држеле жените чии мажи биле овчари, козари, говедари или дрвари „за од волци“. И овде се верувало дека облеката правена во тие денови привлекувала волци, а ако некој волк нападнел човек требало да го фрли тој дел од облеката што бил правен во волчјите празници за да се спаси, „инаку може да биде растргнат жив на парчијна“.
И во Дебарца (Охридско) забележавме дека три дена ги празнувале Мартинија за од дивина. За да им се затвори устата на волците земале гребни за волна и за коноп ги ставале отворени од двете страни на вратата од просторијата каде што живеела стоката и откако таа ќе поминела ги затворале гребните и така ги оставале затворени за да им се затвори устата на волците и да не ја напаѓаат стоката. Исто така, во текот на овој празник не се отворал нож. Поради тоа ножот го отворале порано и во текот на празниците стоел отворен. Исто така и секирата не се употребувала овие денови поради што претходно се подготвувале дрва за деновите на празникот.
Во записите на Ефрем Каранов од Кратово се истакнува дека овие празници започнуваат со Св. Мина и траат три дена. „Мартинци или Вуци празници се зафаќаат на Свети Мина (11 ноември) и траат три дни. Кој работи во тие денови ќе му направат волците штета; особено да не работат овчари и патници“.
Во поголемиот број етнографски записи се истакнува дека Мартинија – матрона е заштитник на стоката, дека Мартиден и Ѓурѓовден се заштитниици на стоката итн. Во селото Октиси, Струшко на овој ден изведувале обичаи да му се врзе устата на волкот. „Кај нас во Октиси Марти ден врзуват. Синџирот ќе го врзиш шо го имаме на огништето во куќата ќе врзват и ќе велат: „Тука вʼлкот вака, овците в поле, овај да ојт (волкот) в планина! Тој да ојт в планина, тие да одат в поле“. И ќе врзуваш колку сакаш три четири пати. И така, така ќе се сушет на синџир во оџак“. И во селото Нерези, исто така Струшко, на Мартиден клавале шип, преку него да врви стоката, за да не ја јаде волкот. Притоа вечерта сучеле конец и тоа со мижење (со затворени очи) за на волкот да му е затворена устата. Притоа велеле: „Да не јадет стоката волкот, да му се затвори устата, да му се врзи“.
Очигледно во минатото во регионите каде што било развиено сточарството народот изведувал многу обичаи што имале цел да ја заштитат стоката од крвожедните животни, особено од волците.
(Вакви обичаи во некои краишта се поврзани со празникот Св. Мартин Исповедник.)
(Подготви Марко Китевски)