Работните тимови на власта и на опозицијата утре ќе одржат нова средба во обид да се постигне согласност за законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на СЈО.
Средбата е закажана во 18 часот во Министерството за правда.
Двете страни иако инсистираат на своите ставови, велат дека разговорите не се пропаднати.
Заев вчера во тв дуелот со Мицкоски најави дека ќе прифати се што не подразбира заштита на криминал и е согласно Уставот и законите. На Фејсбук, пак, по дуелот, напиша дека СЈО е веќе создаден институционален капацитет и нема потреба да се уништува.
– Напротив, како него треба да се водат сите други. Затоа со новиот закон, СЈО, ќе биде оддел во јавното обвинителство со јасни ингеренции. Проблемот за опозицијата е што очигледно сака да го штити криминалот, па не го поддржува овој реформски закон. Одговорете на едноставно прашање: дали сакате Северна Македонија да напредува или сакате да ја видите закочена и повторно да не добие датум за преговори, кој го чекаме од 2005 година, напиша Заев во пораката до Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски на ТВ дуелот кажа дека до Министерството за правда и до меѓународната заедница доставиле 65 амандмани, откако Министерството претходно ги прифатило принципите што ги побараа – правда за секого и сите, меѓународни правила и прописи инкорпорирани со сето значење и почитување на човековите права согласно принципите на Судот во Стразбур, ЕК и Венецијанската комисија.
Мицкоски на синоќешниот ТВ дуел потенцира дека владејачката СДСМ инсистира да се усвои закон за статусот на СЈО за истото и понатаму да може да се користи за политички притисоци врз опозицијата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека обвинителството на Катица Јанева потроши околу 15 милиони евра пари од граѓаните и дека во СЈО платите на обвинителите се трипати поголеми отколку платите на обвинителите во другите обвинителства во Република Македонија.
Од Министерството за правда потврдија дека вчера вечерта по завршувањето на ТВ дуелот меѓу Заев и Мицкоски, до нив пристигнале амандманите за законот за јавно обвинителство на ВМРО-ДПМНЕ, а од ВМРО-ДПМНЕ испратија потврда дека амандманите биле испратени претходно.
Во меѓувреме, се одвиваат консултации за законот и со помалите парламентарни политички партии.