Околу 500 уметници од повеќе држави ќе ја презентираат својата култура на деветтиот Фестивал за народна култура „Пображење“ во Вевчани, кој почнува денеска. Фестивалот е во организација на Културно-уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани.
Фестивалот почнува вечерва во Домот на културата со презентација на етнолошки документарни филмови. Како учесници оваа година со свои авторски дела ќе се претстават: Владимир Боцев ( „Возот за Мартолци“), Елзи Иванчич Дунин и Даниел Петровски ( Са О Рома ) и Бојан Петковски ( филмувана реконструкција „Лазарице“).
Свеченото отворање е утре на летната сцена, а во наредните денови својот фолклор ќе го презентираат македонски ансамбли и фолклорни ансамбли од Германија, Естонија, Словачка, Хрватска, Полска и Србија.
Покрај сценско-уметничката презентација на хорската, инструменталната и вокалната култура, во рамки на фестивалот секоја година се реализира и програмската содржина „Народната култура во Вевчани, инспирација за ликовните уметници“. Учесник оваа година е Аница Китаноска-Вевчанска, студент на Академијата за убави уметности во Равена, Италија.
– Во Вевчани овие денови се подготвува и слави Преображението Христово, слава на населбата, па затоа пред години одлучивме таквата празнична радост да ја збогатиме со дополнителни весели содржини кои позитивно ќе влијаат на таа празнична атмосфера, како и на целокупното живеење во Вевчани. Одлучивме тоа да се содржини од народната култура бидејќи токму тие ги отсликуваат традиционалните духовни и материјални вредности на еден народ. На Вевчани му прилегаат настани кои имаат за цел да ја зачуваат традицијата. Вевчани низ вековите го докажал тоа, токму затоа целта и на овој фестивал е да ја афирмира македонската духовна култура и традиција, да овозможи запознавање со народната културата на други земји низ светот, а воедно да ја збогати туристичката понуда на општината, изјави Тошо Чочороски, претседател на КУД „Дримкол“ од Вевчани.
Стручниот совет на фестивалот во состав Мирјана Мирчевска, Велика Стојкова – Серафимовска, Даворин Трпевски, Јовица Блажески и Наташа Кукоска ќе ги оценуваат сите ансамбли, а за најдобриот ансамбал организаторот доделува плакета „Чувари на традиција“.
Фестивалот завршува на празникот Преображение Христово, на 19 август, со етно звуците на Вокално-инструменталниот состав „Аманет“ од Скопје и Фолклорниот ансамбал при Центарот за традиционална култура од Вараждин, Хрватска.
Фестивалот е под покровителство на Министерството за култура и Општина Вевчани.