Серија земјотреси, од кои еден со јачина од 5,3 степени, се регистрирани утрово во југоисточниот дел на Албанија. Повредени се пет лица при рушење на една куќа, соопшти албанското Министерство за одбрана.
Албанските медиуми објавија дека за два часа се регистрирани шест земјотреси.
– Нема вонредна состојба во ниту една област од земјата, посочи Министерството за одбрана на Албанија.
Епицентарот на првиот земјотрес бил 15 километри југоисточно од градот Корча на длабочина од 14 километри, а по седум минути е регистриран уште еден на длабочина од 18 километри во областа која се граничи со Грција и Северна Македонија.
Во местото Корча и јужниот дел на Џирокастро се почувствувани следните земјотреси, со помал интензитет.