Изутринава околу девет часот во скопската населб Лисиче е пукано кон Љупчо Костадиновски, таткото на Самоил Костадиновски, кој се води за исчезнат од пред четири месеци.
Полицијата, како што објавија повеќе медиуми, е на терен, а таткото на Самоил е пренесен во болница.
– Пријавено е дека на подрачјето на Аеродром, едно лице пукало и го повредило Љ.К. (57) пред неговиот дом. Пренесен бил во комплекс клиники Мајка Тереза за укажување на лекарска помош, велат од МВР.
Самоил Костадиновски, кој е внук од сестра на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, исчезна на 4 март. Последен пат бил виден во близина на амбасадата на Чешка на Водно, како влегува во автомобил, во кој имало уште неколку лица.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски неодамна соопшти дека истрагата за Костадиновски е сè уште во тек и се преземаат криминалистички дејствија и дека досега е познато дека се упасени две лица во врска со овој случај и дека е поднесена кривична пријава за грабнување.
Таткото на Самоил, Љупчо Костадиновски во обраќања до јавноста нудеше парична награда за пронаоѓањето на неговиот син.