Екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, сепак, излегува од притвор.

Апелацискиот суд ја уважи неговата жалба, откако Кривичниот суд му одреди мерка притвор за предметот „Плацови на Водно“, објави порталот А1он.

Ова беше втор обид на Јавното обвинителството да го задржи Мијалков во притвор, откако и минатата недела Апелација одлучи тој да биде ослободен од мерката.

Затворот во Шутка треба да ја добие одлуката, по што веќе вечерва Мијалков треба да биде дома. Одлуката на судиите значи дека тие сметаат дека Мијалков нема да избега ако биде на слобода.

Вишото јавно обвинителство доставило предлог да се одбие жалбата на Мијалков за определениот притвор за „Плацови на Водно“. Нему и натаму му е активна и одлуката да се ослободи од притвор со хипотека на имот вреден 11.106.501 евра.

– Вишото јавно обвинителство Скопје до Апелациониот суд денеска достави предлог да се одбие Жалбата на обвинетиот Мијалков за определениот притвор во предметот Плацови на Водно, велат оттаму за А1он.

Судиите од Апелација во јуни му ја одбија на Мијалков гаранцијата која се состоеше скоро од истиот имот и тежеше 10.871.170 евра.