Најмалку 46 лица загинаа во тешка сообраќајна несреќа во која се запали македонски автобус на автопатот „Струма“, јави БГНЕС.

Грешка на возачот или ненадејна техничка неисправност на автобусот, се можни причини за несреќата во која загинаа најмалку 46 лица, а седум се повредени, изјави директорот на бугарската националната истражна служба Борислав Сарафов.

Тој информира дека во опожарениот автобус имало 52 патници, од кои 12 се деца. Првичните информации говорат дека нема бугарски државјани.

Меѓу загинатите е и возачот на автобусот.

Бугарскиот министер за внатрешни работи Бојко Рашков, кој заедно за премиерот Стефан Јанев се на местото на автобската несреќа, изјави дека причината детално ќе се разјасни во текот на истрагата

Преживеале шест лица кои се сместени во болницата „Пирогов“ во Софија.

– Во „Пирогов“ се сместени шест лица, сите со изгореници на лицето и горните дишни патишта. Двајца се со изгореници на дланките, другите имаат рани. Луѓето се во тешка траума, изгубија роднини, деца. Тие скокнале од прозорците на автобусот, па оттука и повредите – изјави проф. Маја Аргирова, раководител на клиниката за изгореници во „Пирогов“.

Автобусот синоќа нешто по 21 часот влегол преку граничниот премин Капитан Андреево. Околу 3.00 часот се случила сообраќајна незгода на автопатот во правец Софија – Благоевград.

Автобусот е со македонска регистрација, потврди началникот на Противпожарната служба Николај Николов.

-На 31 километар од автопатот се случи сообраќајна несреќа со автобус во кој се превезувале 52 лица, при што избувнал пожар. Загинале 46 лица. Оперативно -истражните дејствија се уште траат, но пожарот е поради несреќа. Останатите се пренесени во болница, и нивната состојба не е сериозна, изјави Николов.

Делницата од автопатот на која се слуи несреќата има многу проблеми, цело лето таму се поправаат дупки, изјави за БТВ експертот за патишта Дијана Русинова.

Претседателот Румен Радев и привремениот премиер на Бугарија Стефан Јанев разговарале со премиерот Зоран Заев. Го известиле за сите информации што ги имале за тешката сообраќајка.

Заев изрази сочувство за настраданите и најави дека заминува за Бугарија да ги посети преживеаните.

Поради тешката сообраќајна несреќа на 31-от километар од автопатот „Струма“ во правец од Софија кон Благоевград, автопатот ќе остане затворен во текот на целиот ден, барем во правец на Благоевград.