В понеделник во Струга почнува деветтата по ред Школата за млади лидери на која до 30 август ќе учествуваат 40 учесници и триесетина предавачи од Македонија, Европа и светот.
Школата за млади лидери е лична иницијатива на претседателот Ѓорге Иванов и опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби.
На свеченото отворање на школата, во понеделник, на 20 август во Струга, покрај Иванов, свое обраќање ќе има поранешниот претседател на Република Латвија, Валдис Затлерс.
Меѓу предавачите на годинешната Школа за млади лидери се Дејвид Голдсмит, еден од водечките експерти за бизнис менаџмент и лидерство, Озгур Торт, главен извршен директор на MIGROS Group, Штефан Петер, Претседател на Извршниот Одбор на ЕВН Македонија, Пинар Ајваз Арикан, Генерален директор на Turkish Airlines во Скопје, Есер Џевахир, директор на Џевахир холдинг, Сани Шенер, Извршен директор на ТАВ аеродроми, Бајбарс Алтунташ, претседател на Инвестициониот форум за светски бизнис ангели, Дејвид Бекет, TEDx тренер, Снежана Живчевска – Сталперс, Менаџер на проекти во IBM.
Оваа година програмата на школата ќе биде фокусирана на најдобрите практики и знаења за развој на еко-системи за поттикнување на старт-ап, мали и средни претпријатија, како и деловното истражување и иновациите воопшто.