Организаторите на граѓанско-верскиот настан „Сведоштво за семејството“ денеска ја објавија официјалната програма за маршот што ќе се одржи в сабота на 29 јуни во Скопје.

– Собирно место за настанот е платото пред црквата „Св. Богородица“ помеѓу МНР и МАНУ од 10:30 до 12 часот. Поворката „Сведоштво за семејството“ своето заедничко сведочење преку заедничка прошетка/ марш ќе го започне во 12 часот. Крајната цел на маршот за живот е дворот на Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ каде што на учесниците ќе им се обратат организаторите на настанот и ќе се прочита заедничката Декларација за заштита на бракот и семејството, соопштија организаторите.

На овој настан, како што е соопштено, поканети се сите подржувачи на традиционалното и природното разбирање на тоа што е брак, семејство, пол и род, без разлика дали се или не се се уште во брак (можеби баш овој настан ќе биде причина да се пронајде вистинскиот или вистинската).

Организаторите ги замолуваат сите учесници на настанот да се воздржуваат од било каква пројава на говор на омраза и недолично однесување. Редарите, се вели во соопштението, доколку некој се обиде да ја извалка светоста на нашиот настан ќе бидат бескомпромисни, а виновниците ќе бидат предадени на органите за ред, предупредуваат организаторите.

– Љубовта е мирна, таа прегрнува се во радосна топлина, таа е онаа која разбира и утешува, но таа е и одговорна да засведочи каде вистината се граничи со лагата, каде нормалноста станува ненормалност и каде животот е загрозен од смртта. Љубовта е живот, а животот е одговорност, порачуваат организаторите на настанот и додаваат „се гледаме в сабота на 29 јуни 2019 година“.