Шефот на германската дипломатија, Јохан Вадефул, денеска изјави дека Берлин е теоретски подготвен да ја разгледа можноста руските државни средства замрзнати во Германија да бидат ставени на располагање на фондот за воени репарации за Украина, како што предлага Брисел, објави ДПА.

Меѓутоа, плановите на Европската комисија прво мора да се разгледаат, рече Вадефул пред годишниот состанок на Советот на министри на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Виена.

„Ова е, секако, неистражена правна територија“, рече Вадефул, но додаде дека Берлин „се стреми кон јасна политичка цел да ги направи овие средства употребливи“ бидејќи на Украина ѝ е потребна финансиска поддршка, а Русија ќе мора да одговара за војната што ја започна.

Министерот рече дека Берлин е во тесна консултација со сите земји-членки на ЕУ „со цел да се постигне плоден исход на Европскиот совет пред Божиќ“.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се надева дека лидерите на ЕУ ќе се согласат на следниот самит на 18 и 19 декември за користење на замрзнатите руски средства што се чуваат во Унијата за да ѝ помогнат на Украина.

Германија сè уште не открила колку пари од руската централна банка се чуваат во земјата, објави ДПА.

фото: архива