Копретседателката на крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел, вечерва го повика канцеларот Фридрих Мерц да „извлече заклучоци“ од неговиот последен денешен изборен дебакл, јави ДПА.
Вајдел изјавата ја даде за радиодифузерот ZDF кратко откако проекциите покажаа дека АфД е во голема предност во североисточната покраина Мекленбург-Западна Померанија, подготвувајќи ја ова антиимигрантска партија за втора победа за две недели по убедливата победа во блиската Саксонија-Анхалт.
Таа ги повика конзервативните христијански демократи (ЦДУ) на Мерц да го напуштат својот „заштитен ѕид“ против соработката со крајната десница.
„Фридрих Мерц мора да извлече заклучоци“, рече Вајдел. „Тој мора да го стори тоа за својата партија, а исто така и за Германија“.
АфД има „мандат да владее“ во Мекленбург-Западна Померанија, рече таа, пренесена од ДПА.
Меѓутоа, малку е веројатно дека АФД ќе најде партнер за формирање коалиција поради тоа што главните партии не се подготвени да соработуваат со неа.
Тино Хрупала, вториот копретседател на АфД, исто така, го опиша резултатот во Мекленбург-Западна Померанија како „сензационален резултат“.
Проекциите покажаа дека ЦДУ има најлош резултат во 81-годишната историја на партијата, доаѓајќи малку над прагот од пет отсто, што е потребен за освојување места во покраинскиот парламент.




