На илјадници невакцинирани работници низ САД им се заканува отказ бидејќи се повеќе држави, градови и приватни компании почнуваат да воведуваат задолжителна вакцинација против Ковид-19.
Државниот универзитет во Вашингтон го отпушти својот главен фудбалски тренер и четворица негови помошници затоа што не ги исполниле условите наметнати од универзитетот во врска со Ковид-19. Тренерот Ник Ролович претходно побара изземање од таа обврска, наведувајќи ги неговите верски убедувања.
Илјадници полицајци и пожарникари во градовите како Чикаго или Балтимор, исто така, се соочуваат со отпуштања, бидејќи ќе мора да го пријават својот статус за вакцинација за неколку дена или да подлежат на редовно тестирање.
Иако контроверзна, мерката натера многу неодлучни работници да се вакцинираат против вирусот, од кој живот загубија приближно 700.000 луѓе во САД. Околу 77 проценти од Американците добиле барем една доза од вакцината.
Во Чикаго, градоначалничката Лори Лајтфут води битка со полицискиот синдикат кој се противи на наметнувањето вакцини. До петокот, една третина од 12.770 полицајци не го пријавија својот статус, а на некои полицајци им беше одобрен неплатен одмор.
Белата куќа се истакна како главен поборник за масовна вакцинација, објаснувајќи ја таа одлука со скок на хоспитализации и смрт од варијантата Делта на вирусот.
Во петокот, околу 200 вработени во Боинг штрајкуваа поради најавата на компанијата дека сите 125.000 работници ќе треба да се вакцинираат до 8 декември.
Покрај обврската за државните службеници, вклучително и надворешни соработници, мерките воведени од американскиот претседател Џо Бајден ќе влијаат на околу 100 милиони луѓе, или околу две третини од работната сила во САД. Бранот на отпуштања веќе го зафати медицинскиот сектор, а медицинските сестри, лекарите и другиот персонал што е отпуштен објаснуваат дека се загрижени поради недостатокот на податоци за долгорочните несакани ефекти на трите достапни вакцини во САД.
Иако сите вакцини се одобрени за помалку од една година, многу експерти се убедени во нивната безбедност. Стотици милиони луѓе ширум светот се вакцинирани со разни вакцини против Ковид-19.