Не се знае кога точно, но кинеските вакцини ќе бидат први што ќе пристигнат во земјава, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Тој додаде дека очекува тоа да се случи до крајот на февруари.
– Ние сме во завршната фаза од преговорите и практично во месец февруари, првата количина на вакцини која ќе пристигне во нашата земја, ќе бидат кинеските вакцини. Не би шпекулирал со точниот датум, меѓутоа за многу кратко време ќе го знаеме и тоа и потоа ќе го објавиме, изјави Филипче.
Министерот рече дека станува збор за 200.000 вакцини и дека се очекува да пристигнат до крајот на месецот. Потенцираше, дека не се започнати преговори за набавка на руската вакцина.
Премиерот Зоран Заев, пак, рече дека земјава разговарала со НАТО и со Вашингтон и заедно утврдиле дека набавката на вакцините од Кина не е геополитичко прашање, туку суверено право на секоја држава.
– Правиме обиди да набавиме вакцини од секаде каде што ни се достапни. Оваа недела ќе се заокружи постапката за негде од 10 до 15 февруари да добиеме и кинески вакцини. Во самата постапка ќе ја следиме компетативноста, за да добиеме поповолни услови, а обезбедивме и домашен партнер за спроведување на постапката, тоа е компанијата „Алкалоид“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање на промоција на проекти за домување на Ромите.