Од понеделник во Македонија почнува вакцинирањето на деца и млади од 12 до 18 години.
Според податоците од националниот систем „Мој Термин“ до вчера напладне вкупно 1623 деца и млади покажале интерес за вакцинирање, информираа за МИА од Министерството за здравство. Во земјава се активни 225 случаи на заразени со Ковид-19, а од вчера во државав е на располагање и најсовремената терапија за лекување од ворусот. Вакцинацијата, според здравствените власти, се одвива непречено на сите пунктови низ државата, интересот секојдневно се зголемува, а досега се вакцинирани се вкупно 440 299 граѓани, а ревакцинирани 259 894.
Децата и младите од 12 до 18 години покажале интерес за вакцинирање во текот на денешниот ден ќе добијат термин за вакцинирање, кое за нив ќе почне од понеделник. Вакцинирањето ќе биде во постојните вакцинални пунктови во градот кој го навеле при пријавувањето, информираа за МИА од Министерството за здравство.
Најголем број пријавени деца и млади, како што се посочува, има во Скопје и тоа во поликлиниките „Букурешт“ – 376, „Јане Сандански“ – 267, „Чаир“ – 101 и „Бит Пазар“ – 5. Во Тетово се пријавени 103 деца, во Битола 99, Куманово 86, Охрид 76, Велес 70, Кавадарци 53, Гостивар 49, Струмица 43, Гевгелија 40, Штип 38, Струга 25, Неготино 15, Кочани 14, а во останатите градови бројките се под 10 пријавени. По две деца се пријавени во Вевчани, Демир Хисар и Македонски Брод, а по едно во Кратово и Македонска Каменица, потенцираат од Министерството.
Во Врање досега со прва доза се вакцинирани 11 540 македонски граѓани, додека со втората доза вакцинирани се 8 306 наши државјани, јави дописникот на МИА од Белград. Најголем број македонски граѓани во Врање се вакцинирале со кинеската вакцина Синофарм, додека помал број ги добиле вакцините на Фајзер, Спутник В и Астра/Зенека.
Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, при направени 2.866 тестирања, регистрирани се 26 нови случаи со Ковид-19. Регистрирани сe седум оздравени пациенти, а не се регистрирани починати пациенти. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.866, бројката на оздравени пациенти е 150.154, на починати е 5.487. Досега во земјата се направени вкупно 920.045 тестирања на Ковид-19.
Како што соопшти Министерството за здравство, вчера пристигнал најсовремениот метод на терапија за пациенти заболени со вирусот Ковид-19, моноклонална „коктел терапија“ со антитела од лековите „Casirivimab и Imdevimab”, одобрена за употреба од Европската агенција за лекови (ЕМА). „Казиривимаб и Имдевимаб“ (порано познат како REGN-COV2 или REGEN-COV2) е коктел од две моноклонални антитела и се дизајнирани специјално за да ја блокираат инфективноста од „SARS-CoV-2,“ вирусот што го предизвикува заболувањето со Ковид-19, стои во соопштението.
– Рамковната Спогодба со производителот „Hoffman-La Roche, Ltd (Roche)“ – Швајцарија, ја склучија 19 земји – членки на ЕУ, нашата држава и Норвешка. Во рамките на проектот за итно справување со кризата предизвикана од Ковид-19, реализиран од страна на Светска банка, обезбедени се средства за оваа набавка. Примената на методот на лекување за нашите пациенти, со оваа терапија во моментов не прави единствена земја на Западен Балкан за чии граѓани е достапен овој лек. Терапијата се набавува за потребите на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и ќе се аплицира кај не-хоспитализирани пациенти кои се лекуваат од Ковид-19. Со ова се очекува да се намали потребата од хоспитализација на пациенти, посочуваат од Министерството.
Документ поврзан со Ковид-19, односно сертификат за вакцинација или негативен ПЦР/ рапид тест или потврда за прележан вирус, заедно со пополнет PLF формулар и понатаму се непроменети и задолжителни за влез во Грција за туристите, вклучително и оние од Северна Македонија, согласно новата министерска одлука што во 6 часот вчера стапи во сила, а важи до 22 јули, јави дописничката на МИА од Атина.
За влез во Грција, отворени се сите копнени гранични премини кои работат 24 часа, со исклучок на Мерѕани кон Албанија, што е со работно време од 8 до 20 часот, па така, од Северна Македонија кај јужниот сосед може да се патува преку Евзони (Богородица), преку Ники (Меџитлија) и Дојран.
Нашата земја и понатаму е на листата држави за кои важи исклучокот од забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, а освен Северна Македонија, дозволено е патување и за државјаните на Азербејџан, Австралија, Албанија, Босна и Херцеговина, Ерменија, Обединетите Арапски Емирати, САД, Велика Британија, Јапонија, Јордан, Израел, Канада, Катар, Кина, Косово, Кувајт, Белорусија, Либан, Црна Гора, Молдавија, Бахреин, Брунеј, Нов Зеланд, Јужна Кореа, Украина, Русија, Саудиска Арабија, Србија, Сингапур.
Децата во Грција на возраст од 15 до 17 години, односно родени до 31 декември 2005 година од вчера можат да се пријават за доброволна вакцинација против Ковид-19,. За имунизацијата, што ќе се врши со вакцината на Фајзер потребна е согласност од родител или старател, кој воедно треба да го придружува детето во центарот на вакцинација. Имунизацијата на тинејџерите е по зеленото светло од Комисијата за вакцинација, од минатата седмица.
Вакцинацијата во Грција ќе биде задолжителна за здравствените работници и вработените во центрите за грижа на лица, а за оние кои ќе одбијат да се вакцинираат, а работат во приватните центри, предвиден е принуден неплатен одмор.
Во однос на епидемиолошката состојба во земјата, портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони вчера рече дека има значително зголемување на новите случаи, „но, сепак, оваа година можностите за одбрана се целосно различни“, бидејќи сега на располагање е вакцината. Истакна дека од 28 јуни до вчера 590.000 граѓани закажале термин за вакцинација со првата доза, а од нив еден од тројца е на возраст од 18 до 29 години. За информациите дека по откриените случаи на Ковид-19 во повеќе детски летни кампови низ цела Грција, се разгледува можноста за воведување задлжителен негативен тест за влез, Пелони објасни дека надлежната комисија на епидемиолози разговара за построг протокол.
Со процесот на имунизација, кој во Албанија, под мотото „Албанија се насмевнува“, почна на 11 јануари, досега, опфатени се над милион и 40 илјади граѓани а пола од нив се ревакцинирани. Се користат вакцини од Фајзер, Астра Зенека, Синовак и Спутник В. Според националната стратегија, целото население во Албанија треба да биде вакцинирано до пролет следната година. За да се постигне целосна имунизација, предвидена е вакцинација на 2,2 милиони луѓе, за кои се потребни 4,4 милиони дози вакцина.
Во Словенија досега се потврдени 200 случаи на позаразниот делта сој на коронавирусот и се проценува дека може да стане доминантен во рок од една до две недели. Најновите податоци од овластените лаборатории покажуваат дека во Словенија 200 случаи на делта сојот се потврдени со секвенционирање на примероците, од кои 66 случаи биле потврдени во неделата од 27 јуни до 4 јули, а 70 случаи во претходната недела. Резултатите се од секвенцирањето на примероците земени од стотици словенечки матуранти, кои се заразиле со Ковид-19 во Шпанија. Словенечката Влада продолжува да предупредува дека наесен може да следи нов бран на епидемијата со Ковид-19 поради нови варијанти и недоволна вакцинација.
Светска здравствена организација (СЗО) вчера соопшти дека зголемувањето на бројот на новозаразени луѓе со Ковид-19 во неколку земји од Блискиот Исток може да има големи последици, поради ширењето на делта сојот и малата достапност на вакцини.По намалувањети на бројот на заразени и смртни случаи во период од осум недели, СЗО тврди дека има знаци на ново зголемување во Либија, Иран, Ирак и Тунис, додека брз раст се очекува во Либан и Мароко.
СЗО како причини за новото ширење на коронавирусот ги наведува непочитувањето на здравствените и социјалните мерки како и ниската стапка на вакцинација и ширењето на новите соеви. Според СЗО, Тунис е земја со најголема смртност од последици од Ковид-19 во регионот и во Африка и истакна дека за четири недели бројот на дневни случаи во Иран е двојно зголемен. Бројот на заразени со Ковид-19 во регионот на Источен Медитеран, кој ги вклучува Пакистан, Авганистан, Сомалија и Џибути, како и земјите од Блиски Исток, надмина 11,4 милиони, а пријавени се 223.000 смртни случаи.