Вакцинацијата се одвива со добро темпо на територијата на целата држава. Заклучно со 1 август, со една доза на вакцина против Ковид-19 вакцинирани се 31 отсто од населението над 18 годишна возраст. Кај лицата над 50 годишна возраст опфатот со една доза изнесува 50,6 отсто, кај лицата над 60 годишна возраст опфатот со една доза изнесува 61,2 отсто, додека кај лицата над 70 години изнесува 64,9 отсто, соопшти Министерството за здравство.

Според последните податоци, најмногу со прва доза вакцинирани граѓани има во Скопје – 159.514, во Битола – 35.067 и во Тетово – 31.007 граѓани.

Куманово, Прилеп и Охрид имаат меѓу 20.000-25.000 вакцинирани граѓани со прва доза, а меѓу 15.000-20.000 граѓани се вакцинирани досега во градовите Велес, Кавадарци, Струмица, Гостивар и Штип, додека пак во Кочани и Струга вакцинирани се нешто повеќе од 10.000 граѓани. Во Демир Хисар, Кичево, Ресен, Неготино, Св. Николе, Берово, Виница, Делчево, Пехчево, Крица Паланка, Кратово, Дебар, Крушево, М.Брод, Валандово, Пробиштип и Радовиш вакцинирани се под 10.000 граѓани во секој од градовите.

Во тек е вакцинација во постоечките вакцинални пунктови во државата, каде граѓаните може да се вакцинираат без да закажат термин. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територијата на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место и населба. Процесот на вакцинација со домашна посета се одвива непречено и навремено според заинтересираноста на граѓаните за оваа услуга. Вакцини има доволно и истите се достапни за сите кои сакаат да се вакцинираат, информираат од Министерството и апелираат на што поголема заинтересираност и во периодот што следува.

Вакцинацијата, како што се посочува, е единствен начин да го победиме вирусот и да спречиме понатамошно ширење на истиот во есенските денови, односно во деновите во кои во светски рамки е прогнозиран иден нов бран на делта сојот.