Бугарија најверојатно нема повторно да достигне бројки од 5.000 заразени лица дневно, коментира д-р Трифон Валков од Инфективната болница во Софија, јави дописникот на МИА од Софија.

Валков за Нова ТВ изјави дека „лицата кои прележаа Ковид-19 се многукратно повеќе од официјално пријавените. Реалната бројка на лица кои ја имале болеста е најмалку 2,5 милиона“.

-Една од причините за повеќето позитивни тестови е што се прават повеќе тестови. Секогаш во Бугарија се правеа околу 10-12.000 тестови, а сега има денови кога се прават и по 16.000. Втора причина е што веќе се додаваат тестови за антиген, изјави Валков за бугарската Нова ТВ.

Според него, теоретски е можно на почетокот на април повторно во земјата да се дојде до бројка од 5.000 инфицирани лица дневно.

-И натаму, меѓутоа, мислам дека нема да достигнеме слично зголемување на бројот на заразени лица, какво што имавме во ноември. Повеќето луѓе веќе го прележаа вирусот. Има и многу вакцинирани, изјави инфектологот.

Инфективната болница во Софија располага со околу 90 легла за пациенти со коронавирус. До крајот на февруари се пополни само 1/3 од капацитетот на болницата во Софија.

Специјалистот, исто така, го искоментира и квалитетот на вакцините.

-Во светот има нарачани околу 11,3 милијарди вакцини. Се разбира, не сите од нив се произведени. Проблемот е во нивната неправилна распределба, додаде тој.

На прашањето дали е доволна една доза од вакцината, Валков одговори дека „подобро е луѓето да се вакцинираат со нешто отколку да останат невакцинирани со ништо. Сите три вакцини произведуваат релативно добар имунитет по првата игла“.

Денеска во Бугарија министерот за здравство Костадин Ангелов го презентира електронскиот систем преку кој може да се почитува делот за вакцинација и со каква вакцина тоа да се стори.