Тренерот на Барселона, Ернесто Валверде, по синоќешната победа над Атлетико (2:0) ги предупреди своите играчи дека веднаш ќе мора да го насочат своето внимание кон Лигата на шампионите.

Во среда, 10 април, каталонците одат на посета кај Манчестер Јунајтед во четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите.

– Освоивме три многу важни поени. Ние сме блиску до титулата во шампионатот, но се уште не сме ја освоиле. Ние треба да ја завршиме нашата работа. Натпреварот со Атлетико беше многу важен, рече тренерот.

Тој потоа ја пофали и играта на противникот и сподели дека црвениот картон на Диего Кошта во првото полувреме го променил текот нанатпреварот.

– Среќни сме бидејќи овој ривал е втор во пласманот, многу добар тим, кој со помалку луѓе на теренот се бореше до самиот крај. Црвениот картон на Кошта влијаеше на ритамот на играта. Во второто полувреме игравме подобро. Нашиот ривал беше опасен, и Облак имаше неверојатен натпревар, заклучи тренерот на Барселона.