Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне не го критикуваше судијата за протерувањето на напаѓачот Диего Кошта при поразот со 0:2 од Барселона на „Камп Ноу“.

Шпанскиот репрезентативец доби црвен картон за сурова реплика кон судијата, која се покажа како прилично непристојна. Судијата Хесус Хил Манзано во записникот за мечот од Камп Ноу навел дека Бразилецот со шпански пасош кажал „Да и се по*ерам на твојата еб*на мајка“.

Аргентинскиот тренер го прашал судијата за зборовите на Кошта и верува дека ако навистина е така, неговото исклучување е фер.

– Тимот вложи многу напор во овој натпревар. Откако останавме со играч помалку, тимот се држеше добро. Прекрасниот гол на Суарез го отвори патот на Барса кон успехот. Не сум зборувал уште со Кошта. Го рашав судијата дали неговите зборови биле толку тешки, бидејќи многу играчи на Барса упатуваа слични реплики, а не беа протерани. Ако го кажал тоа, што ми го рече судијата, тогаш со право беше избркан, коментира Симеоне.