Холандскиот фудбалер Ван Дајк, кој синоќа со неговиот клуб Ливерпул го освои својот прв голем трофеј, скромно изјави дека не размислува за Златната топка, тврдејќи дека таа награда ја заслужува аргентинецот Лионел Меси.
– Мислам дека Меси е најдобриот играч во светот, без разлика дали е во финалето или не. Тој заслужува да ја освои Златната топка, така што не размислувам за тоа, изјави Дајк, кој сепак не ја исклучи можноста ако ја освои оваа награда да ја прифати.
Изјавата на Холанѓанецот следеше по синоќешното скандирање на навивачите на Ливерпул, кои поради фантастичната игра на Ван Дајк веќе одлучија кој е следниот сопственик на Златната топка.
За 27-годишниот централен одбранбен играч „црвените“ минатата година платија 85 милиони евра за да го донесат од Саутемптон, износ кој на крајот по се изгледа се исплати.
Инаку, последниот дефанзивец што освои Златна топка е Италијанецот Фабио Канаваро во 2006 година.