Го добивме известувањето од Владата за денот на гласањето, кој е слободен ден само за јавната администрација. Сметам дека тоа е неправедно, не е фер услов. Практично, сите приватни работодавачи ќе можат да им оневозможат на граѓаните да го напуштат работното место, да излезат да гласаат, зависно од нивните околности, порача Билјана Ванковска, претседателскиот кандидат на Левица на претстојните избори, при денешните средби со граѓаните на Општина Центар и Општина Кисела Вода.

Според неа, тоа ќе ги дискриминира граѓаните, бидејќи на овој начин голем број граѓани, особено од Скопје, но кои потекнуваат од градовите во внатрешноста, нема да бидат во можност да го искористат правото на глас.

Ванковска воедно на средбите со граѓаните на Центар и на Кисела Вода има ја претстави својата изборна програма.

Таа пред жителите на Центар уште еднаш ги повтори своите цврсти ставови за раскинување на трите договори. Истакна и дека во отсуство на јавна дебата на претседателските кандидати, мора да се оди од човек до човек, од улица до улица за да им се доближи понудената програма на граѓаните.

Јас и Левица ќе направиме се што е во наша моќ програмата да биде достапна до секој еден граѓанин. Очигледно е дека моите противкандидати се исплашија од дебата која се поизвесно е дека ќе ја нема. Тоа е срам за демократијата, истакна Ванковска.