За жал, како што се чини, медиумите имаат тенденција за креирање на нивна сопствена вистина, понекогаш изменета, како средство за дефокусирање на граѓаните, а ова им служи на конкретни стремежи, рече Вселенскиот Патријарх Вартоломеј во неговиот говор во Здружението на новинари од весници на Грција. Тој како пример го спомена украинското прашање и лажните вести што се ширеле околу конкретната тема, јави дописничката на МИА од Атина.

-Со големо жалење констатираме дека дури и во црковното новинарство, се шират и промовираат повремено такви облици на вести, чии мотиви претежно се лични интереси, впрочем, тоа се покажува и со едно првично истражување во однос на неодамнешното украинско црковно прашање. За конкретната тема и за постапките на Мајката Црква во Константинопол, во медиумите, без мерка се ширеа многу лажни информации, извртени историски настани и изобличена вистина, додека пак вистинските податоци ги скрија грижливо или и намерно, рече Вартоломеј.

Вселенскиот Патријарх вели дека во современата ера животите на луѓето ги креира т.н. „електронски нов поредок на работите“, а „новите технологии го редефинираа карактерот на информирањето и на информациите“ и додава дека станува збор за „хаос од информации и многу информации без можност да се проверат“.

-Познатата фраза „пишува во весник“ ни е блиска на сите нас и најчесто упатува на два основи принципи за кои не се преговара. Прво, дека објавената информација во весникот е вистинита, бидејќи новинарот во никој случај нема на јавноста да и пренесе вест за која знае дека е невистинита и второ дека постои врска меѓу читателот и весникот: врска на доверба и почит, врска на почитување и искреност. Но, прашањето кое денес се поставува е дали оваа врска е зачувана и дали се објавува се што е вистина, истакна Вселенскиот Патријарх во неговото обраќање пред новинарите.