Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милтиадис Варвициотис на неговиот официјален Твитер профил, обраќајќи се до „оние кои замислуваат тајна дипломатија“, ги објави во целост писмата што си ги размениле со вицепремиерот Бујар Османи.
Алтернативниот шеф на грчката дипломатија коментира дека нивниот став за Договорот од Преспа е непроменет и додава дека тие го контролираат правилното спроведување и ќе извршат притисок за ублажување на условите на договорот во корист на грчките национални интереси, јави МИА од Атина.
– За оние кои замислуваат тајна дипломатија, ги објавувам писмата. Нашиот став за Договорот од Преспа останува дека е договор со недостатоци потпишан од претходната влада и ја обврзува нашата земја. Спроведувањето на Договорот повлекува почитување на обврските што ги презеде соседната земја (промена на симболи, именување, статуи и сл.). Ние го контролираме правилното спроведување на Договорот од Преспа и ќе извршиме притисок за ублажување на условите на договорот во корист на националните интереси, напиша Варвициотис на Твитер, објавувајќи ги двете писма. И она од вицепремиерот со честитка за преземањето на функцијата алтернативен МНР на Грција и одговорот испратен до Османи.
Алтернативниот министер за надворешни работи на Република Грција, задолжен за европски прашања, Милтиадис Варвициотис, преку писмото од 21 август годинава испратено до вицепремиерот Бујар Османи, како одговор на честитката за преземањето на функцијата, најави поддршка за европските интеграции на земјава, нагласувајќи дека императив е целосната имплементација на Договорот од Преспа.
-Процесот на европски интеграции на земјите од Западниот Балкан претставува стратешки приоритет на Република Грција, со оглед на тоа дека веруваме дека тоа би придонело за поттикнување на мирот, стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот. Во таа насока, ние го поддржуваме и процесот на евроинтеграција на РС Македонија, во согласност со предвидените услови и на основа на сопствените заслуги, за што целосната имплементација на Преспанскиот договор претставува императив, пишува алтернативниот МНР на Грција во писмото до вицепремиерот.
Варвициотис го прифаќа предлогот на Османи за одржување билатерална средба.
Претходно, вицепремиерот на Македонија преку писмо му ја честиташе функцијата на Варвициотис и изрази надеж за продолжување на соработката.
-Република Грција, како наш сосед и близок пријател е клучниот поддржувач на евроинтеграцијата на С. Македонија и до сега има придонесено многу на нашиот интегративен пат. Искрено се надевам дека ќе продолжиме да ги зајакнуваме нашите билатерални односи во сите области од заеднички интерес, му напиша Османи на Варвициотис.
На објавувањата на двете писма му претходеа коментари во дел од грчките медиуми, но и изјава од поранешниот шеф на грчката дипломатија, а сега пратеник и надлежен за надворешна политика во СИРИЗА, Јоргос Катругалос, кој како што претходно објави МИА, рече дека го поздравуваат писмото за строго придржување кон Договорот од Преспа и поддршка за европската перспектива на соседната земја, но и најави дека опозициската партија ќе побара писмото да биде објавено во Парламентот.
-Го поздравуваме писмото што, според новинарски информации, го испрати алтернативниот министер за надворешни работи до неговиот колега од С. Македонија за строго придржување кон Договорот од Преспа и поддршка за европската перспектива на соседната земја. Со интерес ги очекуваме објаснувањата на господинот министер до оние кои веруваа во предизборната демагогија на Нова демократија за отстапки во врска со договорот. СИРИЗА, ќе побара, писмото да се достави во Парламентот, врз основа на членот 133 од Правилникот, рече Катругалос во пишаната изјава.