Американското Министерство за правда и агенти на ФБИ собраа нови докази кои укажуваат дека поранешниот американски претседател Доналд Трамп можеби ја попречувал истрагата за доверливите документи пронајдени во неговиот имот во Флорида, објави денеска Вашингтон пост.
Агентите на ФБИ заплениле неколку илјади владини документи во август минатата година, некои од нив високо доверливи, од имотот на Трамп во Мар-а-Лаго. Тоа е само една од двете кривични истраги што специјалниот обвинител Џек Смит ги води против поранешниот американски претседател.
Трамп, кој беше обвинет во четвртокот во посебен случај, негираше дека сторил нешто незаконско и ги нарече истрагите политички мотивирани.
„Вашингтон пост“ додаде, повикувајќи се на извори запознати со истрагата, дека откако неговите правни советници добиле судска наредба да ги вратат доверливите документи, Трамп прегледал низ некои од кутиите со владини документи што биле во неговиот дом во очигледен обид да задржи одредени работи.
Во изјава за „Вашингтон пост“, портпаролот на Трамп, Стивен Чеунг, рече дека „хајката врз поранешниот претседател Трамп нема никаква фактичка или законска основа“ и ги обвини специјалниот советник Смит и Министерството за правда дека се обидуваат да манипулираат со јавното мислење со објавување информации.