Американскиот претседател Доналд Трамп размислува за можноста САД да ѝ испратат крстосувачки ракети „Томахавк“ на Украина, јави весникот Вашингтон пост, повикувајќи се на извор запознаен со дискусиите во Белата куќа.
Иако овие ракети сè уште не се дел од официјалниот список за воена помош, тие би можеле да бидат вклучени во подоцнежен пакет. Ракетите „Томахавк“, со голем дострел, би можеле да погодат цели во Москва и Санкт Петербург ако бидат истрелани од украинска територија. Американските сили неодамна ги користеа овие ракети при напад врз цели во Иран.
Весникот наведува дека се разговарало и за испраќање на ракетни системи ATACMS (Army Tactical Missile System). Според истиот извор, решеноста на Трамп да изврши поголем притисок врз рускиот претседател Владимир Путин била истакната во разговор што тој минатата недела го водел со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
– Зошто не ја нападнете Москва? – наводно прашал Трамп. – Ќе можеме, ако ни дадете оружје – му одговорил Зеленски, според изворот на весникот.
Трамп смета дека Украина треба да врши посилен притисок врз Русија, не само врз Москва, туку и врз Санкт Петербург.
Во Белата куќа се разговарало и за можноста Украина да добие дозвола за употреба на 18 проектили ATACMS со дострел до 300 километри, кои веќе се наоѓаат на нејзина територија. Иако тие немаат доволен дострел за да стигнат до Москва или Санкт Петербург, можат да погодат воени бази, аеродроми и логистички складишта длабоко во Русија, кои моментално се надвор од дофат на украинските сили.
Се разгледува и зголемување на бројот на вакви ракети во идните пакети за воена помош.
Според Вашингтон пост, функционери од Пентагон веќе подолго време се залагаат за украински напади подлабоко на руска територија со ATACMS. Но, со секое проширување на дострелот, руските сили ги преместуваат авионите и воената опрема подалеку од фронтот.
Изворот истакнува дека Трамп се решил за можна ескалација од три причини: Смета дека (рускиот претседател Владимир) Путин го потценува и се преправа дека сака мир, но го игнорира неговиот повик за прекин на огнот. Потоа, бидејќи ја видел ефикасноста во американската употреба на стратегиски бомбардери B-2 и ракети „Томахавк“ против Иран и трето, бидејќи верува дека Путин ќе прифати преговори само доколку се соочи со закана од поголема воена сила.
фото: ЕПА