САД ќе ги откажат визите за партнерите на повеќе од 100 геј дипломати, кои не склучиле официјален брак.
Од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп демантираат дека таквата одлука е насочена против ЛГБТ заедницата.
Белата куќа потенцира дека станува збор единствено за реципроцитет. Според новите правила, сите партнери на дипломати во САД, без разлика на пол и сексуална ориентација, ќе треба да имаат склучен официјален брак доколку сакаат да добијат виза.
Првичните информации се дека новата мерка ќе опфати околу 105 семејства, од кои 55 се на дипломати во ОН.
Хомосексуални и организации за заштита на човековите права сметаат дека решението е „непотребно, злобно и неприфатливо“. Тие нагласија дека тоа „го одразува непријателството на администрацијата на Трамп кон ЛГБТ заедницата“.
Стејт департментот изрази несогласување поради овие констатации, додавајќи дека такви барања важат и за сите американски дипломати во странство.