Дрвото на пријателството на американскиот претседател Доналд Трамп и францускиот, Емануел Макрон, се исуши по нешто повеќе од една година откако тие го засадија во Вашингтон.

Францускиот претседател за време на државната посета на Вашингтон во април минатата година, му даде млад даб на американскиот претседател. Фотографиите од моментот кога двајцата политичари го засадија дрвцето со златни лопати, додека нивните сопруги гледаат, беа апсолутен хит на интернет.

Макрон тогаш рече дека дрвото и неговото потекло ќе бидат симбол во Белата куќа за традиционално добри односи меѓу двете држави.

Меѓутоа, неколку дена подоцна, дрвото беше преместено, оти, како и сите други живи организми увезени во САД, морало да мине низ карантин.

Една година потоа, тоа се исуши…

Интересно е тоа што сушењето на стеблото се одвиваше паралелно со континуираното влошување на односите меѓу двајцата претседатели. Трамп и Макрон се појавија минатата седмица со свои говори на одбележувањето на 75-годишнината од Денот Д во Франција.

На свеченоста ѝ претходеа низа несогласувања меѓу нив по прашањата околу трговијата и иранскиот нуклеарен договор.