На вечерашната дебата во Свети Николе насловена како „Време за промени во пензиската политика – Нови политика до подобра иднина“ која е во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“ свое обраќање имаше и пензионерот Кире Василевски кој откако се заблагодари на ВМРО-ДПМНЕ за тоа што како партија има осет за проблемите на пензионерите, упати критики до власта до министерката за труд и социјална политика за игнорантскиот однос кој го имаат кон нивните проблеми.

„Ја изразувам мојата почит кон ВМРО-ДПМНЕ којашто како партија има сенс, осет за проблемите на пензионерите. Први ги препознаа маките на пензионерите и лидерот на партијата, господинот Мицкоски прв од сите први луѓе на политичките партии во Македонија побара средба со нас пензионерите, а сепак тоа не е мала работа“, истакна Василевски.

Тој уште еднаш ги наброја и барањата на пензионерите од коишто рече дека не се откажуваат иако актуелната власт ги потценува и мисли дека ќе ги фати на кондиција.

„Можам само да напоменам неколку барања на здружението, а тоа се веќе познатите, линеарно покачување од 5 илјади денари, минимална пензија помеѓу 18 и 20 илјади, меѓутоа и конечно еднаш да признаеме дека сето ова што ни се случува сега и што им се случува на најголемиот дел од пензионерите некаде 163 илјади моментално во Македонија е резултат на онаа во наводници болна, односно успешна традиција на некоја власт пред многу-многу одамна. Сите тие луѓе се колатерална штета на таа транзиција и на таа буквална кражба на се она што можеше да се рече дека е право на работникот. И токму затоа сега пензионерите ги немаат своите права и не можат да ги остварат, меѓутоа ние сме многу упорни луѓе. Заборавија од актуелната власт дека ќе одиме до крај и дека не можат да не фатат на кондиција, затоа што на наша страна е искуството и знаењето, бидејќи во редовите на „Здружението на борци за достоинствен живот“ се луѓе од различни професии и луѓе кои што знаат да проценат и да донесат вистинска одлука“ потенцираше Василевски и додаде:

„Министерката Тренчевска немаше никакво чувство за тоа, а да не говорам за оваа арогантна власт која замислете на една појава која што е ретка не само во Европа, не само на Балканот туку и во светот гледа со таков игнорантски однос. Каде сте слушнале дека пензионерите излегле на улица да бараат свои права и уште по жално, да бараат достоинствен живот? Тоа го нема никаде. Тоа се случува за првпат во Македонија во овие 32 години и велам за жал. Се надевам дека за многу брзо време ќе помине и сето тоа ќе биде само едно болно минато и дека пензионерите ќе имаат достоинствен живот, дека нема да има солзи на нивните лица кога ќе немаат да им купат на своите внучиња било што“.