Потенцијалниот кандидат за претседател на Европската комисија, Германецот од Европската народна партија Манфред Вебер, во интервју за полски медиуми го потврди својот став дека за него Турција не може да биде членка на Европската Унија.
Вебер сепак прецизираше дека својот став не го темели на верски гледишта по ова прашање.
– Не е прашање на вера бидејќи на Западниот Балкан има региони со муслиманско мнозинство, а тие мораат да имаат перспектива за влез во ЕУ. Меѓутоа, во контекст на Турција, мораме да имаме храброст да прашаме каде завршува Европа, каде се нејзините граници, вели Вебер.
Вебер додава дека обичните луѓе на улиците во Брисел сметаат дека Софија, Будимпешта или Белград припаѓаат во Европа иако се далечни, но дека истите луѓе би одговориле „не“ на прашањето дали Турција „која се граничи со Ирак“ припаѓа во Европа.
– Мораме да го земеме предвид тој сенс на она со што и со кого сме конектирани. И сто Турција мора да имаме блиски односи, но надвор од ЕУ, вели Вебер.
Манфред Вебер неодамна објави дека планира да се кандидира како „шпиценкандидат“, односно врв на избирачкиот список, за Европската народна партија. Вебер доаѓа од коалициската демохристијанска германска партија ЦСУ и ја има поддршката на Ангела Меркел.
ЕПП ќе го бира својот кандидати за европските избори на конгрес во Хелсинки на 7 и 8 ноември.