Како одговорна партија, целосно ги поддржуваме напорите на истражните органи за целосно расветлување на овој, но и на сите досега отворени случаи, соопшти денеска СДСМ.
– Градењето на независен, професионален и неселективен правосуден систем ги покажува вистинските резултати. Правната држава функционира, законите важат за сите подеднакво. Последните случувања, покажуваат дека никој не е над правдата и дека секој ќе одговара за своите постапки. Како и досега, СДСМ ги охрабрува и ги повикува сите надлежни институции да продолжат со длабинска, независна истрага за случајот „Рекет“, да постапуваат согласно законите. Како одговорна партија, целосно ги поддржуваме напорите на истражните органи за целосно расветлување на овој, но и на сите досега отворени случаи. Очекуваме истрагата да продолжи онаму каде што водат доказите, да ги покаже сите детали и никој да не биде поштеден, ниту амнестиран. Одговорност мора да понесат сите инволвирани, без разлика на политичка или каква било друга припадност. Нема да успеат обидите да се попречи правдата или истрагата да се насочи во друга насока. Секој кој ги прекршил законите ќе одговара и од тоа нема отстапување, се вели во соопштението од СДСМ.
А за вечерва во 18 часот е најавен „работна седница“ на раководството на партијата.
– Денеска со почеток од 18 часот, во седиштето на СДСМ во Скопје, ќе се одржи единаесеттата седница на Централниот одбор на партијата. Медиумите ќе имаат можност за фото и видео инсерти непосредно пред почетокот на седицата. Потсетуваме, седниците на Централниот одбор на СДСМ се работни. За заклучоците и одлуките на Централниот одбор, медиумите ќе бидат дополнително информирани. По завршување на седницата ќе следи изјава за медиумите, соопшти СДСМ.