Mакедонската телевизија вечерва, во 20 часот, ќе го организира првиот ТВ дуел меѓу претседателот на Владата и лидер на СДСМ, Зоран Заев, и претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
ТВ дуелот минатата недела го побара лидерот на опозициската партија, а фрлената ракавица веднаш беше прифатена од премиерот. За организатори на овој прв ТВ дуел меѓу првите луѓе од власта и опозицијата по повеќе години, првично се пријавија три телевизии.
Водител на ТВ дуелот ќе биде Стојан Трпчевски, уредник на Информативната редакција на МТВ, а според него, соговорниците ќе ги спротивстават своите погледи и ставови за повеќе актуелни теми – преговорите за името, надворешната и внатрешната политика, економијата, реформите, долговите и друго.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски најави денеска дека вечерашниот дуел меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе трае час и половина.
Работниот наслов на ТВ дуелот е „една година власт, една година опозиција“.