Со исказ на обвинетиот Хаки Азири денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето за случајот „Монструм“ на Специјалното јавно обвинителство, за петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година.

Азири во исказот пред судот кажа дека поседува „Мазда 626“, служел војска и знае да управува со пушка, како и дека на 12 април мисли дека се видел со Али Демири, а колку што се сеќава дека тоа било вечерта во Арачиново.

– Бев приведен на 1 мај и бев малтретиран. Јас до тој момент не знаев зошто ме приведоа. Ме тепаа и кажуваа дека сум го извршил убиството. Ме држеа се додека не научам што да кажам, кога ќе ме изнесат пред суд. На кого и да му го направеа тоа што мене ми го сторија, ќе признаеше не само убиство, туку што било, рече Х. Азири.

Прашан како од заштитен сведок станал обвинет, Х. Азири рече дека не знаел дека е заштитен сведок. На прашање од судијата како ги познава останатите обвинети, рече дека Алил Демири е негов братучед, Африм и Агим Исмаиловиќ ги знае од 2009 година и ги запознал преку Демири. Сами Љута го познава преку Алил Демири. Алил Демири имал интернет кафе и таму ги сретнувал. Демири до 2009 година сам држел интернет кафе во Серава, а не знам точно, околу 2011 година отворил заедно со двајцата Исмаиловиќ во Синѓелиќ.

Фатиме Фетаи од СЈО побра да биде репродуцирана снимката од исказот на обвинетиот Х. Азири од 7 мај  пред јавен обвинител, па потоа д се продолжи со испрашување.

Поради технички причини снимката ќе биде пуштена на следното рочиште, а судијата само го прочита писмениот записник. На него Азири кажува дека на 12 април ги возел со своето возило „Мазда 626“ Алил Демири и Африм Исмаиловиќ од обиколница Скопје до неговиот дом и тие му кажале дека извршиле убиство, поради што тој кажува дека е загрижен за својата безбедност и на своето семејство и бара заштита пред судот. Според исказот на Африм, тие пристигнале со црвена „Опел мега“ и кога влегле немале оружје, но носеле ракавици и капи.

Денешното рочиште ќе продолжи по едночасовна пауза со испрашување на обвинетиот Азири од страна на СЈО.

На претходното рочиште повеќе од пет часа исказ даваа обвинетите Агим Исмаиловиќ и Фејзи Азири.

Пред почетокот на расправата Фејзи Азири побара од Судот да продолжи со исказот, но судијата Огнен Ставрев рече дека ќе може само да додаде нешто, но на крајот од сослушувањето на сите обвинети. Од СЈО на тоа реагираа дека не може да се менува веќе дадениот исказ.

Обвинетите Исмаиловиќ и Азири на претходното рочиште пред судот се изјаснија дека не се чувствуваат за виновни.

Масакрот кај Смилковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

За петкратното убиство беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.