Концерт „Квин симфони шоу“ на кој ќе настапи познатиот „Квин риал трибјут“ бенд од Србија заедно со оркестарот на Македонската филхармонија и Хорот на Македонската опера и балет ќе се одржи вечер во 21 часот во Градскиот парк во Скопје.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на прес-конференција рече дека во соработка со Младинскиот културен центар и Македонската филхармонија продолжуваат со атрактивни содржини кои ќе ја збогатат летната културна понуда во градот. Посочи дека познатиот бенд на бината што ќе биде поставена пред Школка, со оркестарот на Македонската филхармонија и со хорот на МОБ ќе ги изведат најголемите хитови на една од највлијателните рок-групи на сите времиња „Квин“. 

Менаџерот на бендот, Пеџа Стојниќ рече дека вечер ќе има спектакл во Градскиот парк во Скопје. 

– Сме свиреле во разни метрополи. Ова што Скопје го прави е на ниво на големите европските градови во кои во летниот период се одржуваат големи концерти, големи културни манифестации, додаде Стојниќ.

„Квин ријал трибјут“ ќе настапи во состав: Иван Ристановиќ – вокал, Ненад Бојковиќ – гитара, Иван Дерфи – бас и Радош Чапин – тапани. 

Бендот во Бразил одржал повеќе од 70 концерти, а досега настапил и во Португалија, Франција, Чешка, Швајцарија, Австрија, Бугарија, Романија, Словенија, Албанија, Хрватска…Фронтемнот носи идентични костими какви што носеше легендарниот Фреди Меркјури, додека гитаристот користи модел на гитара како Брајан Меј…