Делегација на Венециската комисија денеска во Собранието имаа средби со претседателот на законодавниот дом Африм Гаши и одвоени средби со координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ, ВРЕДИ, СДСМ, Левица и Европскиот фронт.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски по средбата соопшти дека имал средба со делегација на Венециската комисија во рамки на подготовката на мислењето за предложените измени на Законот за правосудниот испит.

– Заедно со претставниците на нашите коалициски партнери од ВРЕДИ и ЗНАМ, ги претставивме нашите ставови и аргументи во однос на предложените законски измени, одговарајќи и на прашањата и дилемите отворени од страна на делегацијата. Сметаме дека ваквиот дијалогот со меѓународните институции и отворената размена на аргументи се важен дел од процесот на унапредување на законските решенија и јакнење на владеењето на правото – напиша Мицевски на Фејсбук.

Потенцира дека нивните очекувања се Венециската комисија да изготви стручно, независно и објективно мислење, кое ќе претставува значаен придонес во понатамошната собраниска дебата.

– Секое релевантно мислење и препорака ќе бидат внимателно разгледани и земени предвид во текот на парламентарната постапка – потенцира Мицевски.