Оваа година до денес имаме загубено 85 човечки животи, драстично помалку од претходно – истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на Националната конференција за безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа, оценувајќи дека е постигнат значителен напредок во безбедноста на сообраќајот, но дека битката за намалување на бројот на жртви на патиштата сè уште не е добиена.
Тошковски истакна дека не може да се согласи со оценките оти проблемот со безбедноста во сообраќајот е решен иако, како што рече, резултатите покажуваат значителен напредок во однос на претходните години.
– Ако минатата година заклучно со завршувањето на ноември сме имале 129 човечки животи загубено на улиците во Македонија, оваа година таа бројка е многу помала. Заклучно со денес имаме загубено повторно многу човечки животи, но драстично помалку од претходно, до денес имаме загубено 85 човечки животи – истакна Тошковски.
Според него, системот „Безбеден град“ дава резултати, а најголемата потврда за успешноста на мерките не се статистиките и признанијата, туку спасените човечки животи.

Тој посочи дека во просек во изминатите три и пол децении во државата годишно гинеле речиси 150 лица во сообраќајни незгоди оценувајќи дека безбедноста на патиштата мора да остане еден од највисоките приоритети на институциите.
– Во војната 2001 имаме загубено драстично помалку отколку што губиме секоја година. Приближно некаде на половина е бројката на луѓе што сме ги загубиле во војната во споредба со бројката на луѓе што ги губиме секоја година на улиците во Македонија. Така што, самото тоа говори за колку е важно сите ние заедно да се посветиме на подобрување на условите во сообраќајот – нагласи Тошковски.
Тошковски оцени дека безбедноста во сообраќајот повеќе од две децении е едно од најважните прашања за граѓаните и изрази уверување дека во иднина оваа тема ќе биде препознаена по позитивни резултати, а не само по трагични статистики.
На конференцијата се обрати и градоначалникот на град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, кој нагласи дека целта на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот е до 2030 година бројот на загинати и тешко повредени лица на патиштата да се намали за најмалку 50 проценти.

Тој истакна дека секоја сообраќајна несреќа зад себе остава човечки трагедии и затоа безбедноста во сообраќајот мора да биде приоритет при планирањето на урбаната инфраструктура.
– Кога зборуваме за загинати и повредени во сообраќајот, зборуваме за нечие дете, за нечиј родител, за нечиј близок. Затоа целта да го намалиме бројот на загинати и тешко повредени лица за најмалку 50 проценти до 2030 година мора да стане обврска што секојдневно ќе ја претвораме во дела – нагласи Ѓорѓиевски.
Тој потсети дека во програмата најави оти во Скопје е предвиден редизајн на 50 критични крстосници и улици според европски стандарди, со крајна цел нула смртни случаи во сообраќајот до 2030 година.
Ѓорѓиевски го поздрави и проектот „Безбеден град“ на Министерството за внатрешни работи оценувајќи дека примената на современи технолошки решенија придонесува за поголема сообраќајна дисциплина и доследно почитување на правилата.
Претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Горан Ангеловски, истакна дека безбедноста во сообраќајот не е само институционална задача, туку заедничка обврска на државните институции, локалната самоуправа, образовниот систем, полицијата и граѓаните.

Тој оцени дека годинава е забележано значително подобрување на состојбите во сообраќајот, особено по воведувањето на системот „Безбеден град“, но нагласи дека се потребни дополнителни системски мерки за трајно намалување на бројот на жртви.
– Само преку координиран и системски пристап можеме да обезбедиме трајни резултати и да создадеме побезбедна сообраќајна средина за сегашните и идните генерации – нагласи Ангеловски.
Тој посочи дека новата Национална стратегија за безбедност на сообраќајот 2026 – 2030 предвидува конкретни обврски за локалните самоуправи во делот на сообраќајното уредување, едукацијата и заштитата на ранливите категории учесници во сообраќајот, со крајна цел намалување на бројот на сообраќајни незгоди и зачувување на што повеќе човечки животи.
На конференцијата беа обработени повеќе теми поврзани со унапредувањето на безбедноста на сообраќајот на локално и национално ниво, меѓу кои статистичката анализа на сообраќајните незгоди во општините, ефектите од проектот „Безбеден град“, влијанието на сообраќајната сигнализација врз безбедноста на патиштата, новините во правилниците за сообраќајни знаци и опрема, како и управувањето со безбедноста во сообраќајот на локално ниво.
Посебен акцент беше ставен и на новата Национална стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026 – 2030 година, нејзините приоритети, мерки и предизвици, по што се одржа панел-дискусија посветена на улогата на институциите и локалните самоуправи во намалувањето на бројот на сообраќајни незгоди и жртви на патиштата. (МИА)




