Иран се согласи инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) да се вратат во земјата, објави денеска во Швајцарија потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, еден ден по разговорите насочени кон ставање крај на војната на Блискиот Исток.

Техеран ја прекина соработката со оваа агенција на ОН по израелско-американското бомбардирање на неговите објекти во јуни 2025 година. Иако на МААЕ оттогаш не ѝ беше дозволен пристап до погодените локации, во последните месеци ѝ беше дозволено да ги посети другите постројки.

– Иранците се согласија повторно да ги повикаат инспекторите на МААЕ. Ова е голем чекор за американскиот народ и прв чекор кон целосна денуклеаризација, односно кон конечно завршување на иранската програма за нуклеарно оружје – рече Венс пред новинарите, додавајќи дека очекува „тоа да се случи уште оваа недела“.

Американскиот потпретседател го изјави ова пред заминувањето од Швајцарија, еден ден по завршувањето на 18-часовните маратонски разговори во луксузниот одморалиштен комплекс на швајцарските Алпи со иранската делегација и високите претставници на земјите посредници, Пакистан и Катар. На разговорите присуствуваше и директорот на МААЕ, Рафаел Гроси.

Поставени цврсти темели за конечен договор

Минатата недела американскиот и иранскиот претседател од далечина потпишаа меморандум за разбирање, во кој Техеран се обврза да го разреди својот високообогатен уран во замена за укинување на меѓународните санкции, додека деталите ги оставија за подоцнежните преговори.

Според текстот, во текот на 60-дневниот преговарачки период двете земји ќе разговараат за механизам за справување со тие залихи „користејќи го методот на разредување на самото место под надзор на МААЕ“.

Целта е разредување на ураниум на ниво под 5 отсто, што е далеку од потребните 90 отсто за изработка на нуклеарна бомба, и на тој начин да се спречи заканата од обогатување за воени цели. Западните земји и Израел сомневаат дека Техеран се стреми да создаде нуклеарно оружје, додека Исламската Република ги негира таквите намери. Судбината на повеќе од 400 килограми високозбогатен ураниум, кој инспекторите на МААЕ последен пат го видоа на 10 јуни 2025 година, останува неизвесна.

– Покрај условите за нуклеарното оружје, САД ќе се погрижат Иран, доколку евентуално му биде одмрзнат имотот, со тие средства да не финансира тероризам – рече Венс, објаснувајќи дека делегатот и зет на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, предложил механизам за следење.

Венс, исто така, оцени дека разговорите меѓу Иран и САД поставиле „многу цврсти темели“ за конечен договор.

Иранскиот тим предводен од претседателот на парламентот Мохамад Багер Галибаф и министерот за надворешни воени работи Абас Аракчи го напушти одморалиштето Биргеншток по „18 часа интензивни расправи“, јави новинската агенција ИРНА.

Преговорите ќе продолжат на техничко ниво.

МИА